Македонија
2. October 2026 - 16:42

Судот му одреди 30 дневен притвор на Дејан Јованов за новата истрага за поткуп

Дејан Јованов доби нова мерка притвор. Иако законски притворот од една година му завршува утре, за тешки дела против општата сигурност и требаше да излезе на слобода, обвинителството вчера реши да отвори истрага за ново дело, давање поткуп на службеник во министерството за економија за издавање лиценца на неговата дискотека, и со тоа да остане во притвор, поради опасност од бегство.

Кривичниот суд го прифати предлогот на обвинителството. Притворот е определен поради постоење опасност осомничениот да се даде во бегство, како и поради основан страв дека може да ја попречува истрагата со влијание врз сведоци.

Мерката притвор започнува да се извршува од 03.10.2026 година, имајќи предвид дека лицето во моментот веќе издржува мерка притвор во предметот поврзан со пожарот во дискотеката „Пулс“.Во новоотворената истрага, за која е предложен притворот, Д.Ј. е осомничен дека сторил кривично дело „Давање поткуп“.

Дејан Јованов новата мерка притвор ќе ја издржува во затворот Скопје, додека претходно една година беше во притвор во кумановскиот затвор, бидејќи тогаш одлучуваше Кочанскиот суд.

Одбраната на Јованов вели дека очекувала ваков потег од Обвинителството, за што вели дека е злоупотреба на правата на обвинетиот е безобразно од органите на прогонот кои треба да престанат да одлучуваат под притисок и влијание.

Не станува збор за нов предмет, а лицето на кое Јованов наводно му дало поткуп, веќе се суди во предметот Пулс.

Судот ја одби и гаранцијата која одбраната на Јованов ја понуди дека тој нема да избега за притворот кој му завршува утре. Стануваше збор за гаранција од околу 200.000 евра недвижен имот за која според обвинителството станува збор за имоти кои се под извршување, шупи, штали кои немаат доволна вредност. Адвокатката на Јованов ја повлече денеска гаранцијата и најави жалба за новиот 30 дневен притвор до Европскиот суд за човекови права.