Loading Video...
Македонија
4. October 2026 - 16:59

Проф. Атанасовски: Тоа не се коски на цар Самуил, па глупост е дека тој се враќа во Бугарија, кога таму никогаш и не бил

Додека Софија со воени почести и црковни свечености го слави враќањето дома на Цар Самоил, преносот на посмртните останки наидува на силни сомнежи кај дел од експертската јавност.

Клучната научна резерва која ја поттикнува оваа недоверба е фактот што за овие човечки останки не постои современа ДНК-потврда. Иако бугарскиот државен врв на чело со премиерот Румен Радев категорично ги пречека коските како останки на средновековниот владетел, бројни експерти предупредуваат дека идентитетот се потпира единствено на археолошката хипотеза од 1960-тите години на грчкиот археолог Николаос Муцопулос, без форензички докази.

Дека посмртните останки што Грција и ги предаде на Бугарија не се од Цар Самоил тврди проф д-р Александар Атанасовски, историчар чија специјалност е средниот век. Во интервју за Бугарското национално радио отворено ги отфрли овие тврдења, посочувајќи го фактот дека Цар Самоил никогаш не стапнал во Бугарија. 

„Па, тој никогаш не бил во Бугарија, зошто да се прибира, кога е земен тој од Бугарија? Вака излегува дека ние сме го украле Самуил од Бугарија и сме го донеле во Македонија, а тој е роден во Македонија, тука умрел и тука е погребан. Не знам... која е новината да се прибира тој во Бугарија?! Тоа е најголемата глупост.“

Атанасовски укажува на специфичниот начин на погребување со цигли во вид на буквата „П“, кој не постои на овие простори, и потсетува дека постои реална можност вистинските останки да биле однесени во Софија уште за време на Втората светска војна, во 1943 година. Тој исто така го оспорува натписот на новиот саркофаг во црквата „Света Софија“  „Цар на Бугарите“:

„Не постои ни еден документ, ни еден запис каде што Самуил се нарекол „цар на Бугарите“. Дури самиот тој никаде не се нарекува цар, тој е „раб божји“- значи слуга божји Самуил. Тој не е наречен цар. Немаме никаде запис дека тој се нарекол цар на Бугарите или на кои било други. Државата ние ја нарекуваме Самуилово Царство или Самуилова држава, но колку била царство и колку… тоа е друго прашање. Тоа е еден конгломерат, како што уште на времето вели Божидар Прокиќ, тоа е еден вид современа федерација од месни кнезови коишто се обединиле под власта на Самуил и биле и против Борис II и против Византија. Тоа јасно сведочи Скилица во неговата хроника“.

„Македонски не можеме да го наречеме, ви реков никаде не е наречен ни македонски, ни бугарски, ни каков било. Ако ги погледнете симболите на него што сте му ги закачиле на споменикот во Софија  тој го носеше 16-кракото сонце од античка Македонија, симболот на античка Македонија. Го носи и лавот напред. Погледнете го споменикот во Софија, вие сте го поставиле таму. Тоа се античките симболи од античка Македонија“, одговара проф. Атанасовски.

Додека Грција со овој чекор ја промовира својата културна дипломатија, а Бугарија се обидува да го зацврсти својот национален наратив, за Македонија Преспа останува географскиот и историскиот центар каде што Самоил владеел, починал и бил погребан. Наспроти софиските славја, македонските експерти заклучуваат дека преносот на коските не е само културен чин, туку продолжување на балканските спорови и обид за присвојување на туѓи историски аргументи преку современи политички алатки.