Македонија
5. October 2026 - 21:16

Сиљановска Давкова: не се оди надвор без да се постигне консензус дома

Европската Унија преку посетата на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен покажа максимална заинтересираност за прашањето за одблокирање на евроинтегративниот процес.

Претседателката на државата, Гордана Сиљановска Давкова во гостувањето во „Тема на денот“ рече дека се уште Скопје и Софија различно гледаат на спорот.

Вели дека Фон дер Лајен го препорачала истото што Македонија се обидува подолго време да го направи – а тоа е да се седне на маса и да се разговара.

- Госпогоѓата Јотова вели дека не е билатерален, туку дека имаме проблем со Европската Унија. А пак, госпоѓата Фон дер Лајен вели дека мора да разговарате и низ дијалог, се разбира, да размените различни ставови. Е сега не можете да го квалификувате проблемот или процесот и како билатерален исклучиво, или како проблем што го имаме со ЕУ. Точно е дека записникот е дел од заклучоците. Но неточно е дека записникот е дел од преговарачката рамка, вели претседателката Гордана Сиљановска Давкова.

Прашана зошто Македонија не го почне процесот за носење уставни измени со одложено дејство, и на тој начин да ја принуди Бугарија да преземе чекор, претседателката вели дека за такво нешто потребен е консензус.

- Презедовме чекор бидејќи точно е дека во секоја демократска држава има разлики, помали ли поголеми, помеѓу власта и опозицијата. Но за жал, во некои држави дури и кога не се на страната на вистината, тие во еден глас говорат кон надвор. Да, почнавме, ако се сеќавате, преку средби да создаваме една атмосфера. Јас не знам колку пати сум рекла дека не се оди надвор без да се постигне консензус дома и без да има договор, говорам за прашања од национален интерес.

- СДСМ е пречка за уставни измени со одложено дејство?

- Видете, конкретно за тоа не. Но рековме дека треба да излеземе кон надвор со унифициран став без оглед на другите разлики, рече Сиљановска Давкова.

Претседателката кажа дека по повод 35-годишнината од независноста на Македонија, добила честитка од нејзината бугарска колешка, но во неа биле нотирани прашањата кои треба да бидат решени.

Меѓу нив, Јотова потсетила на писмото кое и го испрати за случајот со Ива Михаилова.

За ова прашање, Сиљановска Давкова вели дека не одговорила на писмото бидејќи нема да се осуди да интевернира во судството, оти верува во неговата независност, но верува и во здраствениот систем.