Македонија
11. October 2026 - 13:28

Мицкоски: Македонија е поголема од секоја политичка генерација, целта е посилна татковина

Денес стоиме пред историјатa на еден народ кој низ вековите поминал низ премногу искушенија, премногу неправди, премрежија, но никогаш не се откажал од своето право да биде слободен, да биде свој, да има сопствен дом и сопствена држава, истакна претседателот на Владата Христијан Мицкоски во обраќањето на свечената академија по повод Денот на народното востание - 11 Октомври, која се одржува на Спомен-костурницата во Куманово под слоганот „Идеали што градат иднина“.

Како што рече, стоиме пред историјата на државата - земја која не ја добила слободата на подарок, чија државност не е производ на случајност, ниту, пак, нашето постоење е инцидент и земја чие постоење не е резултат на туѓа милост, туку на генерации кои, рече, имале храброст да се спротивстават на неправдата, да го победат стравот и да го направат невозможното возможно.

-Пред точно 85 години, во темнината на една октомвриска ноќ, се случи нешто што засекогаш го промени текот на македонската историја. Во Прилеп, и Куманово започна организираното востание против фашистичкиот окупатор. Востание кое прерасна во голема народноослободителна борба, во која илјадници наши предци ги положија своите животи за слободата што денес ја живееме. Тие луѓе немале гаранција дека ќе победат, дека ќе го дочекаат утрешниот ден. Немале големи армии, немале богатства, немале сигурност. Но имале нешто многу посилно. Имале вера. Имале идеал. Имале љубов кон татковината. И имале храброст да кажат дека постојат моменти во историјата кога молчењето не е избор, кога стравот не смее да биде посилен од достоинството и кога иднината на еден народ е поважна од личната судбина, рече Мицкоски. 

И затоа денес, кога ги наведнуваме главите пред нивната жртва, истакна премиерот, имаме обврска да поставиме едно многу сериозно прашање.

-Дали ние, генерацијата која ја наследи нивната слобода, сме подготвени со истата решителност да ја изградиме иднината на татковината? Дали сме подготвени да ги надминеме поделбите, да се соочиме со сопствените слабости, да ја промениме државата таму каде што промените се најтешки? Дали сме подготвени да одиме по потешкиот, но исправен пат. Да веруваме во себе, не на туѓите зборови, да се трошиме себеси, за заедничката иднина. И дали сме подготвени да оставиме зад себе татковина посилна од онаа што ја наследивме? Мојот одговор е јасен и недвосмислен - Да! Да! Подготвени сме. Иако не сите од политичкиот спектар, иако не сите веруваат, а има и такви, од историјата и денес кои работат против, но ние сме подготвени. И само што сме подготвени. Ние го немаме правото да не успееме. Затоа што нашата татковина е поголема од секоја политичка генерација, порача Мицкоски.

Државата, рече тој, е поголема приказна „од сите кусогледни и лични интереси“. 

-Затоа што татковината се брани со принципи, вера и резултати, не со навреди, договори под маса и тендери. Од разно-разни провизии, кланови и удобни хациенди. Затоа што Македонија е поголема од секоја политичка генерација. Затоа што државата не е само знаме, химна и граници. Државата е доверба. Таа е и систем. Државата е ветување кон секој граѓанин дека неговата иднина нема да зависи од нечии лични интереси, туку од неговата работа, неговото знаење и неговите способности. И токму тука лежи нашата најголема одговорност - да изградиме татковината која нема само да ја слави својата историја. Туку држава која ќе создава нови победи за историја. Историја на економски успех, на институционална правда, на национално достоинство. Историја на развој и напредок, истакна Мицкоски на свеченоста во Куманово, откако делегации положија цвеќе пред Спомен-костурницата и настапи Воениот оркестар со композиици од македонската борба за слобода.

Во обраќањето на свечената академија  Мицкоски порача дека е „доста од мали амбиции и изгубени можности“ и дека  „Македонија предолго се задоволуваше со просечност“. 

-Време е да поставиме големи национални цели, да носиме храбри одлуки и да создадеме држава која нема да преживува, туку ќе напредува. Не смееме да бидеме заглавени, заробени помеѓу мочуриштето и талогот насобран со децении. Лошата вест е што тие го окупираат просторот внесувајќи лаги, сомнежи, подметнувања, создаваат немир, и постапуваат лукаво. Се радуваат на секоја лоша работа, а посакуваат и работат на неуспех. Се продаваат на оние кои немаат добри намери кон државата, за нивни најверни слуги, ортаци во намерата да ја видат државата на колена. Добрата вест е што се прочитана книга и им се гледа крајот. Народот победува. А татковината не само што не паѓа на колена, туку се враќа на народот. Предолго државата живееше во рамките на мали очекувања. Најголемата национална битка е битката за младите. Мора да изградиме татковина во која младите нема да избираат меѓу татковината и сопствената иднина. Земја во која ќе остануваат, ќе создаваат семејства и ќе ги остваруваат своите соништа. Секој ден легнувам и станувам со прашањето дали успеваме и дали можеме подобро?, истакна премиерот.

 

МИА