Над 120 амандмани на вториот ребаланс на буџетот, почнува расправата во Собранието
Почна собраниската расправа за вториот ребаланс на буџетот.
Поднесени се над 120 амандмани.
И приходите и расходите се намалуваат за 86 милиони евра.
Најголемата корекција е кај акцизите, кои се намалуваат поради антикризните мерки за центие на горивата.
Буџетскиот дефицит останува непроменет - 4,1 отсто од бруто-домашниот производ.
Економскиот раст останува на 3,5 проценти. Кај инфлацијата, пак, прогнозата е намалена на 3,8 проценти.
„Ризиците не се отстранети. Продолжувањето или евентуалната ескалација на конфликтот на Блискиот Исток може повторно да ги зголеми цените на енергенсите и примарните производи, да создаде дополнителни инфлаторни притисоци и да влијае врз глобалната побарувачка. Затоа макроекономското сценарио го третираме со претпазливост. Фискалната политика мора да биде доволно флексибилна за да одговори на новите околности, но и доволно дисциплинирана за да ја зачува одржливоста на јавните финансии“, кажа министерката за финансии, Димитриеска Кочоска.
Од Фискалниот совет предупредуваат на влошување на структурата на буџетскиот дефицит и отстапување од таканареченото златно правило на јавните финансии.
„Дел од задолжувањето директно се користи за финансирање на тековни расходи, што претставува директно отстапување на златното правило на јавните финансии и дека треба дефицитот да биде зголемен за капиталните расходи“, вели Марина Трпевска од Фискалниот совет.
До крајот на годината најверојатно ќе има и прераспределба на неискористени средства.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
