Бабата и дедото на судијата Ристов му давале пари за стан
„Со сватовите дадовме по 70 илјади евра за децата да купат стан“, вака денеска сведочеше Ивица Зориќ, таткото на сопругата на судијата Ѓоко Ристов, кој во судот даваше исказ по барање на обвинетиот.
Зориќ рече дека парите ги дал во апоени од 200 и 500 евра, исто како оние што беа пронајдени во ѕидот кај родителите на судијата.
„На фамилијарна средба, заедно со сватовите им дадовме по 70 илјади евра, што не значи дека е завршна сума од наша страна и дека ќе учествуваме во опремување на станот со наши лични средства, бидејќи сме материјално добростоечко семејство“, кажа во судницата, Ивица Зориќ, татко на Симона Зориќ Ристова.
Но, според обвинителството, исказот на Зориќ, нема значајна доказна вредност, меѓу другото и поради неговата блиска роднинднска врска со обвинетиот судија.
„Тој исказ не заслужува особен коментар, тој е на факти што се целосно неспорни, не се ниту предмет на обвинение и тој исказ освен што беше во народска смисла во однос на семејни околности и наследување на имиња, нема доказна ниту правничка тежина и релевантност“, изјави Искра Хаџи Василева.
На денешното судење сведочеше и графолог ангажиран од одбраната.
Според неговиот наод, ливчињата со запишани суми, пронајдени покрај парите во ѕидот, ги напишала мајката на судијата која на минатото рочиште тврдеше дека 350-те илјади евра се заштеда од продажба на лубеници, дињи и пиперки.
Обвинителството смета дека одбраната се обидува да го осопори значењето на ДНК трагата на Ристов пронајдена на фолиите во кои биле завиткани парите.
Одбраната пак возврати дека целиот обвинителски предмет е манипулација.
„Веројатно спинот беше на линија на некаква контаминација, но тешко е да поверуваме дека ливчињата Донка Ристова ги допирала и триела од обвинетиот Ѓоко, па теоретски да дојдеме до некое фантастично сценарио дека од тоа доаѓа до пренос на ДНК материјал“, изјави Искра Хаџи Василева, Јавен обвинител во ОЈО ГОКК.
„Обвинителство од почеток тоа го прави, најдени пари во куќа во ѕид на друго лице, тврди дека се негови, при што, вика, не постои ниеден коруптивен предмет кој јас можам да го кажам и од каде што се земени парите. Ние неколку месеци водиме постапка на „жими мајка““, изјави Ѕвонко Давидовиќ, Адвокат на Ѓоко Ристов.
На почеток на денешното судење, одбраната најави дека нема да го повика за сведок Љупчо Пецов - Ѓаволот, но во изјава за медиумите тврдеше дека се уште се обидуваат да го обезбедат.
Ристов седи на обвинителна клупа откако сестрата на Пецов пријави дека адвокатот Стафа барал поткуп од 50 илјади евра за да влијае кај судијата за укинување на притворот за Љупчо Пецов.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
