Македонија
29. October 2026 - 17:03

Македонија меѓу земјите во светот со најголем број мозочни удари

74 годишен скопјанец веднаш бил хоспитализиран на Неврологија поради висок ризик за мозочен удар. Кај него на бесплатните прегледи организирани од Клиниката на доплер му било откриено големо стеснување на двете каротидни артерии. 

- Ова е асимптоматски пациент, а со висок ризик да добие мозочен удар, што би бил фатален. Вчера, 160 пациенти беа прегледани, кај 40 проценти од нив е најден некаков сигнификантен наод. Земен е контакт од нив и тие следната недела ќе бидат повикувани на Клиниката за исто така дополнителни иследувања, изјави д-р Јован Божиновски, директор на Клиниката за неврологија.

Со 200-300 граѓани на 100.000 жители, Македонија е меѓу државите во светот со најмногу мозочни удари. Последните две години бројот е зголемен, а возрасната граница намалена, посочуваат од неврологија. Уште позагрижувачки е фактот што пациентите многу доцна доаѓаат на Клиниката и само стотина лица годишно добиваат тромболитичка терапија, која значително ги спречува компликациите и инвалидитетот.

- Таква терапија се аплицира уште во две-три установи во државата, меѓутоа таа бројка сепак е мала според бројот на пациенти што добиваат мозочен удар кај нас. Тоа е така затоа што пациентите доаѓаат многу доцна, доаѓаат по неколку часа кога тие терапевтски прозорци веќе се пробиени и се апсолутна контраиндикација да се даде некаква специфична терапија, а дел е затоа што некои од пациентите, поради одредени пешкотии, не може да стигнат можеби навреме и пристигнуваат подоцна, рече  д-р Божиновски.

На светскиот ден за подигнување на свеста за мозочен удар невролозите повикаа пациентите да ги регулираат притисокот и шеќерот како ризик фактори, но и навреме да ги препознаат 5 –те знаци меѓу кои губење на рамнотежа, искривување на лицето, слабост на раката или нарушување на говорот и веднаш да се побара итна медицинска помош.