Македонија
29. October 2026 - 17:04

Нема сомнителни приливи од Србија во Македонија, тврди гувернерот на НБРМ, Славески

Кривична пријава против Александар Вучиќ, кој дозволил нелегален трансфер на 50 милиони евра од Алта банка кон други кореспондентни банки во странство, поднесе српската Демократска партија. Се сомневаат дека гувернерката веќе потпишала одобрение за трансфер, без да ја испочитува законската процедура. Затоа бараат обвинителството веднаш да го испита случајот и да го спречи трансферот на, како што велат, нелегален начин.

- Да ја образложам постапката за поднесување кривична пријава. Јас денеска добив информации од лица кои имаат сознанија за поднесување барање за конверзија на динари во евра и подготовка за пренос на 50 милиони евра кон кореспондентна банка во странство.

Алта банка во вторникот, на 27 ноември 2026 година, поднела барање за конверзија на динари во евра. Гувернерката веќе го одобрила ваквиот пренос, без да ја испочитува законската постапка, изјави претседателот на Демократската партија.

Гувернерот на Народната банка, Славески, тврди дека нема невообичаен прилив на пари од Србија во Македонија. Трансакциите што се забележани изминативе денови се во релативно мали износи и во законскиот максимум. Вчерашните обвинувања на опозициската СДСМ за наводни милионски трансфери ги оцени како пренагласени.

„Има одредени трансакции со релативно мали износи, кои не се во фокусот ниту на нашите институции, ниту, според информациите што ги слушаме, на институциите во Србија, во смисла дека би можеле да го загрозат нивниот финансиски систем. Тоа е нивна работа. Сè е во рамките на законот и ние ќе продолжиме да ја следиме состојбата“.

– Колкав е законскиот максимум за трансфер на пари?

„Не ме држете за збор, но мислам дека износите се од 5 до 10 милиони евра, кои треба да се пријавуваат кај надлежните институции“, додаде Славески.

Српските медиуми вчера објавија дека постоеле индиции за обид за пренос на милијарда динари од Алта банка, а како можни дестинации за трансфер беа споменати Скопје и Москва. Но, по нивните реакции, обидот бил спречен навреме.

Истовремено, и гувернерката на Народната банка на Србија вели дека работат согласно законот и ги преземаат сите активности во рамките на своите надлежности.

„Информациите за конкретни контролни постапки, нивниот тек, содржината на одредени наводи и други податоци кои се доверливи супервизорски информации не можат да ѝ се соопштуваат на јавноста надвор од рамките дозволени со закон“, се наведува во соопштението на српската гувернерка.