Македонија
30. October 2026 - 12:17

Прилепската болница прва во Македонија ќе добие „Соба за испраќање на бебињата“

Прилепската болница прва во Македонија ќе добие „Соба за испраќање на бебињата“, просторија од каде тие ќе си одат дома заедно со нивните родители, а иницијативата и собирањето на средствата за овој проект е на неформалното Здружение на мајки на предвремено родените бебиња.

Ова здужение веќе 7 години по ред на 17 ноември го одбележува Светскиот ден на предвремено родените бебиња и активно работи на подобрување на условите во неонаталошкото одделение во прилепската болница преку собирање на донации од општествено одговорните компании од Прилеп.

„Оваа година главната цел ќе ни биде да реновираме една соба во која би ги испраќале бебињата од неонаталошкото одделение, заедно со нивните родители. Исто така во припрема сме на хуманитарниот концерт кој секоја година се оддржува пред Нова година во „Марко Цепенков“ и со финансиите се надевам дека ќе направиме едно удобно катче“, изјава Данче Оклеска, неформалното здружение на мајки на предвремено родените бебиња.

Ова ќе биде најпозитивната соба во болницата, бидејќи неонаталошкото одделение е единствиот оддел во болницата каде се оди со голема радост, а од каде се излегува со уште поголема среќа.

„Единственото место во нашата болница каде што се доаѓа за убави моменти е нашето одделение, неонаталошко. Во нашето одделение се најмалите пациентчиња, новородените бебиња на кои понекогаш им треба наша помош за да го продолжат својот живот како здрави дечиња“, кажа Македонка Калпакоска, медицинска сестра на неонаталошкото одделение.

Ова неформалното здружение успеа значително да ги подобри условите на неонаталогија со голем број донации, а можеби и токму затоа годинава бројот на новороденчиња во Прилеп за разлика од лани е зголемен за над 40 раѓања.

„Како статистика, за споредба во однос на лани, оваа година имаме 43 раѓања повеќе од лани. Значи лани сме имале 330, годинава имаме 373 до овој момент и би го надминале бројот 400, кој го имавме лани до крајот на годината, значи би имале 450, здравје Боже и повеќе. Уште едно одделение плус во основните училишта“, изјави Гордана Кафеџиоска, главна сестра на прилепската болница.

Се повикуваат сите кои сакаат да донираат за подобрување на условите на неонаталогија во Прилеп на 17 ноември да присуствуваат на одбележувањето на овој ден.