Недела на италијанскиот јазик во Штип
Со предавања за италијанската мода и кулинарство, на штипскиот универзитет беше одбележана Неделата на италијанскиот јазик. На настанот присуствуваше италијанскиот амбасадор Паоло Палминтери, кој се осврна на интересот за италијанскиот јазик и култура во Македонија.
-Задоволен сум од распространетоста на италијанскиот јазик во оваа земја. Постојат повеќе од 40 средни училишта во кои може да се изучува италијанскиот јазик. Покрај тоа, тука се и катедрите во Штип и во Скопје, каде што изучувањето може да продолжи и на академско ниво, изјави Паоло Палминтери, амбасадор на Италија во Македонија.
Италијанскиот јазик сè повеќе се изучува како мост за поврзување на двете земји и нивните граѓани.
-Да се овозможи изучување на јазикот за практични потреби на оние што имаат намера да работат во Италија или со Италија, но и на оние што сакаат да го изучуваат од задоволство и од интерес за италијанската книжевна и уметничка традиција, додаде Палминтери.
Посебен повод за одбележувањето беше и признанието за македонските професорки кои ја освоија престижната награда „Флајано“ во Италија. Признанието се доделува на меѓународна манифестација во Пескара, а годинава, според професорката Ѓорѓиевска, за првпат е доделено на македонски авторки во оваа категорија.
-За нас тоа претставува признание за нашата досегашна работа и поттик за понатамошен труд и вложување во литературата и културата, изјави Ева Ѓорѓиевска, Филолошки факултет, УГД – Штип.
Одбележувањето продолжи со темата „Италија, генијалност и стил“, со акцент на традицијата, креативноста и иновацијата.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
