Македонија
30. October 2026 - 21:16

Владата го усвои предлог буџетот за 2027 година

Предлог буџетот за 2027 година е проектиран на приходи во вредност од 395,4 милијарди денари, што е за 5,7 проценти повеќе од овогодинешниот буџет.

Расходите пак се планирани на ниво од 440,4 милијарди денари или за 4,8% споредено со оваа година.

Според министерката, целта на предлог-буџетот кој доби зелено светло на владина седница, е да овозможи стаабилни јавни финансии, повеќе инвестиции и подобар животен стандард.

„Буџетскиот дефицит е планиран на 45 милијарди денари, односно 3,5% од БДП и е во согласност со Фискалната стратегија за периодот 2027–2031 година. Ова значи дека остануваме на определбата на постепена фискална консолидација, со јасна цел за намалување на буџетскиот дефицит и стабилизирање на јавниот долг, без притоа да се откажеме од развојните приоритети“, изјави Гордана Димитриевска Кочовска, министерка за финансии.

Со Буџетот се обезбедуваат средства за раст на плати во јавниот сектор, но има и повеќе пари за исполнување на обврските што произлегуваат од членството на државата во НАТО.

За одбраната се планирани средства во висина од 2% од БДП за зајакнувањето на капцитетите.

Според министерката, посебен приоритет останува социјалната сигурност на граѓаните.

„За социјални трансфери се предвидени 220,8 милијарди денари што е зголемување за 4,1%, од кои 123,8 милијарди денари за исплата на пензии или раст за 4,8%, согласно законското усогласување. За социјална заштита на најранливите категории граѓани се предвидени 14,3 милијарди денари, додека за активните политики и мерки за вработување се планирани 2,9 милијарди денари“, додаде Димитриевска Кочоска.

Владата следната година планира да потроши 40,8 милијарди денари во капитални инвестиции.

Пари се издвоени и за реконструција на зградите на ФИНКИ и ДИВ, студентските домови.

Инфлацијата е проектирана на 3,2 %, додека растот на 3,8%.