Македонија
2. November 2026 - 16:49

Народна банка: Алта банка продолжува да работи, се бара нов сопственик

Алта банка продолжува да работи, но со ограничување, се со цел да се заштитат интересите на клиентите.

Од Народната банка информираат дека воведувањето привремена администрација не значи затворање на банката, туку заштита на имотот на сите штедачи, се додека не се најде нов сопственик.

Воведувањето неделен лимит до 10 илјади денари по клиент се донесе за да се спречи нагло и масовно повлекување на ликвидноста, што може негативно да влијае врз интересите на сите штедачи.

Физичиките лица лимитот можат да го користат со картичките за подигање пари од банкомат и за плаќања кај трговците.

Внатрешните плаќања од сметките на физичките лица кон сметките на други физички и правни лица, во рамките на банката остануваат овозможени во неограничен износ, информираат од Народната банка.

Сепак, дел од граѓаните од утринава чекаат да извадат пари од банкоматите во Битола и Прилеп.

За разлика од нив, гужва во Скопје нема.

Утринава дел се обиделе да извадат пари, но банкоматите биле празни.

Подоцна од Народнавата банка информирираа дека направиле достава и пари има, а доколу клиентите сакаат да извадат пари од друг банкомат, треба да внесат сума од 9.750, затоа што највисоката провизија, зависно од банката изнесува 250 денари.

Што се однесува на фирмите пак, од Централната  банка велат дека, ќе можат да извршуваат само внатрешни плаќања, од своите сметки кон сметките на други правни и физички лица, во неограничен износ.

Правните лица нема да можат да изнесуваат средства надвор од банката преку платните системи во земјата, ниту пак да повлекуваат пари од банкоматите или шалтерите на банката.

Во меѓувреме, македонската берза ја стави Алта банка на Листата за набљудување, по решението од Народната банка за воведување администрација во банката.

Одлуката се носи за да се предупредат инвеститорите за новонастанатите околности поврзани со работењето на банката.