Брисел: Правосудството со слабости, корупцијата тапка во место
Правосудството има сериозни слабости, а борбата со корупцијата тапка во место. Ова е пораката од Европската комисија во најновиот извештај за напредокот на Македонија. Републичкиот обвинител, не ги оспорува забелешките на Брисел. Вели, дека тие ја отсликувале реалната состојба, но на нив смета дека треба да се гледа како поттик институциите да работат поефикасно.
Европската комисија забележува и политичко мешање во правосудството.. Пораките со лични напади врз судии и обвинители, како и најавите за прочистување на судството, според Брисел, создавале притисок и ја загрозувале независноста.
И за Савески се неприфатливи таквите изјави од политичарите - вели дека правосудството не смее да биде поле за меѓупартиски пресметки.
Во извештајот на Брисел се наведува и недостигот на вработени, кој според Савески не влијаел врз квалитетот на истрагите и обвиненијата, но го зголемува потребното време да се завршат предметите. Извештајот на ЕУ, бележи и бавно водење на судските постапки за висока корупција, а за дел од нив наведува и застарување.
Забелешки има и за работата на Државната комисија за спречување на корупцијата, која според Брисел, почесто се занимавала со проверка на имотната состојба отколку со откривање на конкретни корупциски случаи. Од ДКСК велат дека комисијата нема надлежност за истраги, туку нејзината работа била превентивна.
Од Брисел порачуваат дека ланските препораки за правосудството се спроведени само делумно. Од властите се бара да ги забрзаат реформите, да ги зајакнат Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, да ги пополнат испразнетите судиски и обвинителски места и да обезбедат целосно функционирање на системот за управување со судските предмети.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
