УГД ги суспендираше двајцата осомничени вработени
Двајцата вработени на штипскиот Универзитет „Гоце Делчев“, против кои Основното јавно обвинителство поведе постапка поради сомнежи за злоупотреби со студентската евиденција, се отстранети од работните места, а целосно им е одземен и пристапот до електронскиот систем за студентски досиеја. Од Ректоратот информираат дека мерките ќе останат во сила до целосно расчистување на случајот.
Истовремено уверуваат дека истрагата опфаќа ограничен број случаи поврзани со запишувањето студенти и дека останатата студентска евиденција не е засегната.
- Ја информираме јавноста дека електронскиот систем на УГД поседува софистицирани дигитални механизми и записи кои ги забележуваат сите интервенции при што може да се лоцира евентуална индивидуална одговорност.
Од Универзитетот посочуваат дека евентуално незаконски внесените податоци се предмет на истрагата, а за нив ќе се постапува по нејзиното завршување. УГД најавува целосна соработка со Обвинителството и полицијата, без дополнителни коментари за тековната постапка.
Воедно, ги повикува студентите, професорите и вработените анонимно да пријавуваат сомнежи за корупција и злоупотреба на службената положба, нагласувајќи дека заштитата на академскиот интегритет останува приоритет.
На раководителот на Секторот за „Е-индекс“ и референтката за студентски прашања на УГД, осомничени дека преку незаконски манипулации со студентските досиеја стекнале противправна имотна корист од околу 21 илјада евра, им е одреден осумдневен притвор.
-

Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
