Нема неправилности во работата на ЦСР Гевгелија за убиството на 17-годишната Билјана
Нема неправилности во постапувањето на Центарот за социјална работа во Гевгелија за убиството на 17-годишната Билјана Кириќ. Вонредниот инспекциски надзор констатирал дека ЦСР Гевгелија постапил согласно законот, преземајќи соодветни мерки за заштита. Во дописот од Министерството за социјална политика се наведени важните датуми и хронологијата на случувањата пред 21-годишниот Виктор Гунтаров да ја запали во автомобил, а потоа и да се самоубие.
Билјана пријавила физички напад на 30 септември. На 2 октомври МВР го информирало Центарот за социјални работи. Уште истиот ден бил воспоставен контакт со таткото на девојчето и била договорена средба, три дена подоцна. На состанокот со Билјана и нејзиниот татко, тој дал согласност за водење натамошни постапки за заштита. Веќе следниот ден, Гунтаров бил повикан во Центарот, каде што му биле воочени последиците од вршењето насилство.
Центарот, по направената проценка на ризик, како што велат од Министерството, веднаш изготвил и доставил до судот барање за изрекување привремени мерки за заштита – забрана на насилникот да се заканува дека ќе изврши насилство врз жртвата, забрана да малтретира, вознемирува, телефонира и контактира со жртвата и забрана да ѝ се приближува на растојание помало од 100 метри. Овие мерки Судот ги донел на 16 октомври.
По изрекувањето на мерките за заштита, Билјана не пријавила дека Виктор ги прекршил. Сѐ до 4-ти овој месец, кога нејзиното тело беше пронајдено запалено во опожарен автомобил близу Богданци, а нејзиниот насилник извршил самоубиство.
Вчера во Скопје се одржа протест. Иницијаторите, неформалното здружение „Ниту една повеќе“, побараа одговорност за пропустите на институциите, враќање на поимите род и родова еднаквост во законите, враќање на сексуалното образование и разрешување на функционерите кои го оправдуваат насилството или поттикнуваат контрола врз жените.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
