ЕУ за „Стив Наумов“: Ако има дефекти, изведувачите мора да ги поправат, но и студентите да ги чуваат собите
По низата реакции и поплаки за условите во „Стив Наумов“, Делегацијата на Европската Унија извршила увид во студентскиот дом. Оттаму порачуваат дека доколку има недостатоци во градежните работи или технички проблеми, тие треба да бидат пријавени и отстранети од изведувачите, бидејќи домот сè уште е под гаранција.
„Студентите имаат полно право да изразат загриженост и тоа треба да се сфати сериозно. Подеднакво важно е да се осигури дека информациите што се споделуваат во јавноста се точни и соодветно проверени. Фотографии или изолирани инциденти не секогаш ја прикажуваат целосната слика, па затоа заклучоците треба да се засноваат на утврдени факти“, велат од Делегацијата.
Но, од ЕУ нагласуваат дека одговорноста не е само кај институциите и градежната компанија, туку и кај студентите, кои треба совесно да ги користат и чуваат просториите.
„ЕУ очекува високи стандарди за квалитет и одговорност од сите чинители вклучени во нејзините инвестиции. Иако надлежните органи и градежната компанија се одговорни за одржувањето и поправката на недостатоците, и студентите имаат одговорност совесно да ги користат објектите – пред сè, за свое добро“, додаваат оттаму.
Министерката за образование Јаневска во изминатиот период неколкупати посочи и на проблеми предизвикани од самите корисници – запушена канализација поради фрлени влажни марамици, активирани аларми поради храна оставена во микробранова печка и пушење во собите, како и откорнат радијатор.
Јаневска направи и личен увид во домот, откако студентите објавија видеа на кои се гледа како прокапува вода во една од бањите и се слуша силна бучава од парното. Претходно, дел од студентите реагираа и на големината на оброците.
„Стив Наумов“ беше целосно реконструиран и официјално отворен на 30 септември. Домот има капацитет за 1.150 студенти.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
