Радев: Проблемите на Бугарите во Mакедонија се влошуваат
Наместо да се подобруваат, проблемите на бугарското малцинство во Македонија се продлабочуваат, тврди бугарскиот премиер.
Радев, пред почетокот на денешниот самит на Европската политичка заедница во Даблин, рече дека токму правата на Бугарите во Македонија ќе бидат во фокусот на неговата средба со генералниот секретар на Советот на Европа.
„Ќе имам средба со генералниот секретар на Советот на Европа, бидејќи мора да му помогнеме и да му помогнеме на Советот да се етаблира како гарант на демократијата, за владеењето на правото. Уште еднаш ќе ја покренам темата дека продолжуваме, дека нема промена во ставот на властите на Република Македонија кон нашите сонародници, напротив, проблемите се продлабочуваат“, рече Радев.
На самитот во Даблин присуствува и претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, но од нејзиниот кабинет нема најава за можна средба со Радев.
Сепак, и на овој самит фокусот го презема војната во Украина и актуелните трилатерални разговори за постигнување мир меѓу Украина, Русија и САД, како и улогата на Европа во дипломатскиот процес. Лидерите денеска и утре ќе разговараат и за европската безбедност и одбрана, енергетската и економската сигурност, хибридните закани и заштитата на демократските институции.
-

Деспина Тодоровска
Сите содржини од овој новинар
