Поради паузи не се одржа седницата за опозициски прашања во Собранието
Тензии и навреди меѓу пратениците на собраниската седница на која опозицијата требаше да и поставува прашања на власта. Наместо одговори од министрите, пратениците добија два часа пауза, со што пропадна времето предвидено за опозициски прашања. Првата пауза ја побара ДУИ, бидејќи собраниската сала беше празна, со барање да се соберат министрите кои требаше да одговараат на прашањата. Но, кога седницата продолжи, пратеничката група на ЗНАМ побара уште еден час пауза. Така, двата часа предвидени за опозицијата поминаа без ниту едно поставено прашање, што предизвика жестока расправија во собраниската сала.
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, објаснува дека времето за опозициски прашања било предвидено до 13:30 часот, но истекло додека траеле паузите. Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, тврдат дека министрите кои требало да одговараат на прашањата биле во Собранието, но престојувале во друга просторија, поради што не биле забележани во салата.
За да ги смири тензиите, Гаши ги повика координаторите на пратеничките групи на координација, по што беше договорено седницата што требаше да продолжи по опозициските прашања да се одржи утре. Опозициските прашања, пак, останаа неодговорени.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
