Брза помош интервенирала на десетина колапси во Скопје поради пролетните температури во ноември
Пролетните температури на средина на ноември го зголемија бројот на повици во скопската Брза помош. Поради промените на времето дневно имаат по над 100 интервенции, а во петокот кога беше многу топло околу 25 степени екипите интервенирале и кај десетина граѓани поради колапси на јавни места. Некои при падот се здобиле и со скршеници.
- Потешки беа тие што при пад се здобиле со повреди на глава, со крварење и мораше што поскоро да се интервенира и да се даде прва помош и да се транспортираат во здравствена установа и соодветно да се третираат. Така да имаше зголемен број на колапси на јавни места. Треба да напоменеме и пациентите кои се со невролошки проблеми со епилепсија редовно да си ја земаат терапијата и да внимаваат да не се изложуваат на ваквите промени за да не биде како тригер фактор па да имаат напади и да колабираат, изјави д-р Сејфула Адеми, раководител на смена во Службата за итна медицинска помош – Скопје.
Покрај граѓани со кардиоваскуларни и невролошки проблеми кои барале Брза помош, од Службата велат дека периодов екипите интервенираат и на голем број сообраќајни несреќи пред се кај повредени при пад од мотори и тротинети кои се уште се користат поради топлото време.
- И покрај тоа што се донесе законот и веќе е на сила, кацига да се носи, заштитна опрема, да се почитува брзината и да се користи флуоросцентно елече, за жал се уште гледаме во практика дека не се почитуваат тие правила и можеме да кажеме дека имаме сообраќајки, и од тротинет и мотори возат се уште ова време и можеме да напоменеме дека имаме доста повредени лица и тоа со тешки повреди, вели д-р Адеми.
Според најавите високи температури се очекуваат и кон средината на идната недела, а од Итната медицинска помош апелираат хронично болните редовно да си ја земаат терапијата и да се консултираат со матичните за да избегнат компликации по здравјето.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
