Нов протест за поголеми плати на Незвисниот синдикат во здравството при КСОМ
По втор пат за еден месец членовите на Независниот синдикат во здравството при КСОМ излегоа на протест пред установите каде работат. За време на паузата уште еднаш јавно ги кажаа нивните 5 барања меѓу кои за 30 проценти повисока плата, нов колективен договор, бенефициран стаж и вработување за стално на кадарот кој е со договор на дело.
- Јас 5 години работам со договор на дело, немам право ниту на боледување, изјави Билјана Џонова, вработена со договор на дело
- Колегите да не подлегнуваат на притисоци, зошто полошо не може да биде, изјави Кристина Олевска.
Од Независниот синдикат уште еднаш јавно побараа средба со Фатмир Меџити, во спротивно најавија интензивирање на протестите пред министерството за здравство и пред Владата.
- Доколку не се изнајде решение, ќе продолжиме со мирен протест на 24 ноември пред Министерството за здравство и на втори декември ќе имаме протестен марш од пред нашето седиште до Владата, изјави Јосиф Ѓорески од Независниот синдикат за здравство при КСОМ.
- Срамно е здравствените работници да се доведат во ваква ситуација, изјави Боби Бојчевски од Независниот синдикат за здравство при КСОМ.
Меџити им одговори дека имал редовни состаноци со репрезентативните синдикати, а за трето покачување годинава немало пари.
- Мислам дека не се доволни примањата на здравствените работници и ќе работиме на нивно зголемување, ама за трето покачување годинава нема пари, изјави Фатмир Меџити, министер за здравство.
Вработените во здравството годинава добија на двапати зголемување на платите по околу 2 до 3000 денари, пролетта и есенва.
-
Александар Динев
Сите содржини од овој новинар