Македонија
26. July 2026 - 19:48

Нов раст на болни во Гостивар

Загадената вода во Гостивар, продолжува да го полни дневниот билтен на Министерството за здравство. По два дена пад, вчера е забележан пораст на бројот на луѓе кои се пожалиле на симптоми поврзани со прогласената епидемија.

Лекарска помош побарале 125 лица или 45 повеќе од вчера. Најмногу прегледи имало на одделението за инфективни болести и педијатрија, а таму имало и една болничка хоспитализација. Со ова вкупниот број на лица кои се пожалиле на тегоби се искачи над 4 илјади. Водата од градската мрежа е се уште неуоотреблива, па граѓаните на Гостивар и денеска беа до пунктовите по флаширана вода.

Надлежните уверуваат дека најдоцна утре, низ чешмите ќе протече техничка вода. Во тек е хиперхлорирање на цевководот со што гостиварци ќе можат да ја користат за техничка употреба, но, се уште не и за пиење. 

Преливната комора преку која водата простигнува во гостиварската мрежа, денеска беше во функција. Во неа се влева вода од изворот Вруток, но пумпите кои внесоа загадена вода и предизвикаа епидемија, повеќе ги нема. 

За случајот со загадената вода во Гостивар, осомничени се директорката на ЈП Комуналец и двајца раководители, со наредбата за монтажа на пумпите за подобрување на водоснабдувањето, според обвинителството сториле кривично дело, тешки дела против животната средина и природата поврзани со загадување на вода за пиење. Додека трае истрагата, тројцата се во притвор.