Македонија
6. February 2026 - 16:32

Нов закон за високо образование - квалитет во студирањето и повеќе мака за стекнување докторска титула

Наместо високообразовна институција на секое ќоше, реформите во високото образование ги засилуваат критериумите за работа и студирање. Натпревар меѓу унивезитетите, структурни примени  и услов кој предвидува дека само првите 4 на националното рангирање ќе можат да спроведуваат докториски студии. Ова е предвидено со новиот закон кој веќе е јавно достапен за предлози и забелешки. Оние што нема да ги исполнуваат критериумите нема да можат да продолжат со работа.

- Исто така предвидуваме, на пример 10 години да постојат, нивните научници да имаат објавено најмалку 500 трудови, да имаат 3 ментори за секоја студиска програма и тоа треба да го исполнуваат сите без разлика дали се први или последни на ранг листата. Бидејќи многу брзо ќе треба сите јавни високообразовни институции да се прилагодат на промените, очекуваме дека релативно голем број од нив ќе се самозатворат или ќе бидат затворени по сила на закон, вели Весна Јаневска, министер за образование и наука. 

Со новите законски решенија ќе треба и поголема мака за стекнување на титулата доцент или професор. Министерката за образование вели дека мора да се смени сегашната состојба доколку сакаме некој од нашите универзитети да се најде на Шангајската листа. 

- Секој кој ќе аплицира за избор во звање – доцент, вонреден или редовен професор, отсега зависно од звањето ќе има обврска до изборот да изработи и објави од 6 до 7 научни трудови, од кои 3 до 4 треба да бидат објавени во списание со импакт фактор од базите Web of science или Scopus. Ова е важно, затоа што светската статистика вели дека за еден универзитет да се најде меѓу најдобрите 1000 на Шангајската ранг листа, треба годишно да објавува најмалку 1200 трудови во списанија со импакт фактор. Нашите универзитети годишно објавуваат помеѓу 300 и 500 трудови и тоа мора да го промениме, вели Јаневска. 

Законот за високо образование и за квалитет во високото образование и науката веќе се објавени на ЕНЕР а деновиве треба да биде објавен и законот за научно – истражувачка дејност.