Македонија
4. May 2023 - 16:32

Нова средба на Судскиот совет во потрага по решение

Молк во Судски откако советот на неодредено време ја одложи седницата за избор на претседател. Според информации на Сител, членовите секојдневно одржуваат повеќечасовни состаноци за излез од кризата по разрешувањето на Дамева. Ова завчера го потврди членот Миљазим Мустафа кој рече дека се бара решение за проблемот, но не одговори зошто е откажана седницата која треба да донесе нов претседавач.

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ прстот го впери кон власта – состојбата е резултат на меѓукоалициски пазарења. Бараат одговори и од собранието, но како што велат, молкот трае повеќе од 24 часа.

Проблемите во судството се решаваат со дијалог, реформи и одговорност. Не се решаваат со молчење и криење на проблемите под тепих. Во спротивно, се случуваат и ќе продолжат да се случуваат вакви или слични состојби кои никако не се европски вредности и патот кој ќе не одведе во Европската Унија. 

Судски не одговара ниту на Министерството за правда. Лога цела недела го чека записникот од седницата за разрешување.

„До овој момент до Министерството за правда сеуште не е пристигнат одговор на писмениот допис од Судскиот совет со кој се бараше да се достават на увид Записникот од 438-та седница и усвоениот дневен ред.“

Немањето претседател го блокира и одржувањето на седниците на судскио-буџетски совет од кој зависи дали судиите ќе добијат плата за претходниот месец.