Новата школска година со истите проблеми - почна наставата во основните и средните училишта
Со стари проблеми, но насмевки на лицата кај учениците денеска се означи и почетокот на новата учебна година. Кај четири генерации први септември ќе започне без учебници, но оптимизам дека годината ќе се одвива со непречен тек, во училишни клупи без никакви ограничувања и мерки поради корона кризата. Првачиња, ученици, средношколци- среќни дека се назад во училниците за дружби и ново знаење.
Родителите пак се надеваат дека децата конечно ќе учат во нормални услови со физичко присуство, после сите предизвици со кои беа соочени во корона пандемијата.
Со широко отворени порти и желби за успех и директорите на училиштата ги пречекаа како старите, така и новите ученици. Оптимисти се дека онлајн наставата ќе остане во минатото, а учениците конечно ќе се вратат онаму каде што припаѓаат- во училишните клупи.
Но сепак првачињата, вторачињата и учениците од четврто и петто одделение учебната година ја започнуваат без карактеристичното обележје на наставата- учебници. Ќе учат од материјали се дури не им бидат подготвени книгите, а кога ќе бидат се уште не се знае. Министерот за образование очекува да бидат готови пред почетокот на второто полугодие.
Неизвесно е и како ќе се греат училиштата во зимскиот период во ек на енергетската криза во која се наоѓа земјава. Централната во координација со локалната власт велат дека работат на проблемот. Градоначалникот на општина Чаир вели дека ќе се обидат во зимскиот период да нема рестрикции на струја барем во училиштата.
Со новиот почеток на учебната година, нови плати и за вработените во образовниот процес. По постигнатиот договор со МОН и СОНК септемвриските плати ќе им бидат повисоки за 15%.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар
