Нови мерки идната недела, премиерот гледа предност што Македонија доцни со вакцинацијата
Кој ќе се вакцинира, кога и каде со 24.000 дози од Астра Зенека кои треба да стигнат в недела тимот за имунизација ќе одлучува денеска. На прашањата до Министерството за здравство кои граѓани први ќе ја примат Оксфордската вакцина имајќи во предвид дека според националниот план во приоритетната група има 170.000 лица и дали и останатите здравствени работници меѓу првите ќе се заштитуваат од Ковид со Астра Зенека го добивме следниот одговор.
-Во текот на денот ќе заседава тимот за имунизација да се утврди распоредот за вакцинација со вакцината Астра Зенека, велат од МЗ.
Премиерот Заев очекува дека вакцинацијата ќе биде масовно прифатена од граѓаните, а задоцнетата имунизација ја оправда за да сме согледале дали вакцините се безбедни.
-Очекувам масовно прифаќање на вакцините во РС Македонија. Има една предност што сме, така да кажам земја со задоцнување со вакцинацијата. Земјите членки на ЕУ почнаа пред нас и можевме да согледаме предности и слабости, по што може да извлечеме единствена констатација дека вакцините се здрави и оти дека треба да ги користиме сите, рече премиерот Зоран Заев.
Во очекување на масовната вакцинација се зголемува бројот на новозаразени и починати од компликации од Ковид во третиот бран. Секој ден се повеќе се полнат и болничките капацитети. Во моментот хоспитализирани се 1537 пациенти, 89 повеќе од вчера.
Речиси на цела хирургија се примаат само Ковид позитивни пациенти. На повеќе Клиники откажани се и операции и прегледи за други болести.
Комисијата за заразни болести на денешниот состанок не предложи нови мерки до Владата. Останува на сила полицискиот час од 22 до 5 часот наутро.
-

Александар Динев
Сите содржини од овој новинар
