Македонија
4. October 2023 - 16:48

Нови закони за департизација на администрацијата

Нови закони за вработените во јавниот сектор и за административните службеници- ќе се носат со европско знаменце и по скратена постапка во Собранието. Целта е да не се прави злоупотреба при вработувања на било каква основа.

Во Законот за вработување во јавен сектор новитет е тоа што од пријавените кандидати ќе мора да се избере најдобриот, односно ако има 10 потенцијални кандидати ќе мора да се избере првиот на листата кои има најдобри поени, што досега не беше случај. Нема да се вработува преку агенцијата за привремено вработување и договорите нема да бидат на определено време за раководни позиции.

Во Законот за административни службеници пак при аплицирање за работа нема да може да се менува матичниот број и националност. Доколку профилот во јавната администрација е направен со овие податоци, отпосле нема да може да се едитира, со цел да се избегне злоупотреба за вработување по национална основа. Испит за вработување во јавна администрација ќе се прави претходно, за оние што се заинтересирани да аплицираат на оглас отпосле, a досега тој се правеше откако ќе се аплицира за работно место во администрацијата.

Контрола на постапката за вработување ќе врши комисија составена од претставници од Министерство за информатичко општество, Министерството за политички систем и трудов инспекторат.

Кај вработените во администрација кои се со средно образование повеќе нема да има четири нивоа, односно остануваат само две- помлад референт и самостоен референт.

Министерот за информатичко општество се надева на зелено светло од пратениците за изгласување што е можно побрзо на овие два закони, а вели веќе се одобрени и од Европската Комисија, затоа и се носат со европско знаменце.