Ново рочиште за пожарот во „Пулс“, продолжува сослушувањето на сведоци предложени од Обвинителство

Со сослушување сведоци предложени од Јавното обвинителство денеска во судницата во „Идризово“ продолжува судскиот процес за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани.
На претходното рочиште пред Судот сведочеа членови на бендот на ДНК и преживеани гости од дискотеката, кои ги опишаа настаните во ноќта на 16 март минатата година, кога во пожарот загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени.
Во својство на сведок исказ даде придружниот вокал Ана Костадиновска, која на повеќекратни прашања од Обвинителството и од одбраната за тоа кој ги поставувал и кој ги активирал прскалките, остана на ставот дека не знае и дека никогаш не видела кој ги местел прскалките во ниеден клуб каде што настапувале со групата ДНК, посочувајќи дека можно е тоа да го правело и техничко лице од клубот.
Опишувајќи го моментот кога настанал пожарот, таа наведе дека кратко по почетокот на настапот почувствувала топлина и дека вокалот Панчо повикал да излезат присутните, но, како што рече, во првиот момент никој не ја сфатил сериозно ситуацијата.
Музичарот Горан Тонев, кој исто така настапувал како надворешен соработник со бендот, изјави дека пиротехничките средства биле веќе поставени кога се качиле на бината, но дека не знае кој ги поставил и кој ги активирал. Тој опиша брзо ширење на огнот и густ чад во просторот.
Според сведочењата на двајца преживеани гости во клубот, по активирањето на прскалките се запалил дел од таванот, по што настанала паника и стампедо кон излезите.
Процесот се одвива под засилени безбедносни мерки, во присуство на обвинетите, роднини на жртвите и јавноста. Постапка се води против повеќе од 30 физички и три правни лица за тешки дела против општата сигурност.
Судењето го води судијката Дијана Груевска-Илиевска, а Обвинителството го застапува тим од 15 јавни обвинители.
Пожарот во дискотеката во Кочани избувна за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со изведување сведоци на предлог на Обвинителството.
МИА
Ново на Сител
-

Продолжуваат тензиите на Блискиот Исток: Каква е безбедносната закана за Македонија?
-

Започна судењето на 75 годишниот Денис Асанов, обвинет за свирепо убиство во Штип
-

Поттикнат од бугарски државјанин, скопјанец ширел омраза на ФБ кон македонската држава
-

Тема на денот со Горан Марковиќ, извршен директор на Македонски Телеком
-

Во Министерството за политички систем се земало плата, а не се одело на работа
-

Политички препукувања за трагедијата во Карпош, други двајца повикани во станица дека ги нападнале сопругите
-

Меџити: Вреди ќе стане партија за 2 недели
-

Владин авион утре ќе евакуира 6 лица од Египет – досега 632 Македонци побарале евакуација
