Ново зголемување на цената на горивата
Бензинот поскапува за 7, а дизелот за 6ипол денари по литар, одлучи Регулаторната комисија за енергетика на денешната седница. Со тоа од вечерва на полноќ, литар бензин на бензинските пумпи ќе се точи по цена од 86,5 денари а дизелот не смее да се продава поскапо од 92 денари за еден литар.
По промените вечерва, цената на бензинот достигнува највисоко ниво во последните речиси 2 години откако по иста цена како денешната се продаваше и на крајот од март 2024. Дизелот пак руши ценовен рекорд стар безмалку 3 ипол години по пиковите во ноември 2022 кога последен пат се беше над 90 денари за литар, откако летото истата година ја достигна највисоката цена од 110 денари.
За само две недели, од стартот на кризата на Блискиот Исток дизелот поскапе за дури 21 денар а бенизнот скокна за 12.
Поскапувањето се должи на значителниот скок на суровата нафта на светските берзи. По благиот пад на стартот на минатата недела, од почетокот на оваа, барел нафта од типот Брент на берзата во Лондон се тргува по суми кои денеска надминуваат 105 долари.
Тоа ги принуди големите сили да почнат да ослободуваат нафта од своите стокови резерви. САД го стори тоа уште минатата недела ослободувајќи над 172 милиони барели. Чекорот го следеа Канада и Австалија а денеска нафта од стоковите резерви оослобди и Јапонија. Минатата недела и Меѓународната агенција за енергија информираше дека пушта во промет 400 милиони барели нафта, највеќе во својата историја.
Во регионот Србија ги намали акцизите за 20% исто како и Хрватска која и ги ограничи цените. Грција ги ограничи маржите на горивата но и на основните прехранбени производи, а во Бугарија Владата им подели директна помош на социјално најзагрозените семејства.
Во Македонија до овој момент Владата ја следи ситуацијата. Извори од Илинденска за Сител велат дека во кабинетот на Премиерот се разгледува опцијата ДДВ-то на нафтените деривати да се намали од 18 на 10%.
-

Александар Спасовски
Сите содржини од овој новинар
