Македонија
11. January 2021 - 16:56
Обилните врнежи ја наполнија Брегалница
Река Брегалница со највисок водостој после поплавите во 2013 година. За само 10 дена во месец јануари наврнаа 90 литри на метар, што е три пати повеќе од просекот за првиот месец од годината во последните 30 години. На мерното место во Ново Село реката е длабока 172 см.
-Критичната точка е над 2 и пол метри, но за Штип и Штипско не е толку опасно, зашто Брегалница во своето течение кон Вардар нема земјиште и населени места кои можат да бидат загрозени. Критични е за кочанскиот дел и кочанското поле, изјави Киро Маџунаров, Соработник на УХМП.
Земјоделците од кочанско пак велат дека дождот ќе им ја спаси овогодишна сеидба на ориз.
-Моментално дождовите се добредојдени, поради тоа што беше многу голема суша, а сега ќе биде многу убаво. Ова со пари не се купува и многу значи за земјоделието. Инаку, ако не беа овие дождови јас не знам што ќе правевме-изјави ЖИТЕЛ НА С. Облешово.
Браната „Калиманци“ пред само некој ден беше на биолошкиот минимум. Мештаните се оптимисти дека ќе се наполни.
-Ќе се наполни, гарантирам дека ќе се наполни. Ако беше празна немаше да се сее, во Теранци, во Подлог немаше да има ориз. Еве сега нивите се полни со вода – изјави Жител на с. Теранци.
Од водостопанство „Брегалница “ информираат дека надојдените води не предизвикале некои поголеми штети, освен што се поплавени неколку оризови ниви во атарот на с. Грдовци, каде нивна механизација работи на одводнување. Во браната „Калиманци“ во моментот има 40 милиони кубни метри вода, што е една третина од вкупниот капацитет од 120 милиони.
-
Трајан Ристовски
Сите содржини од овој новинар
-->
-->