Македонија
12. July 2023 - 16:33

Обвинителствата добија засилување

Со два часа расправа, избрани 14 обвинители. Дел добија прво вработување, некои пак искачија скалило во кариерата. Унапредување стекнаа и двајца обвинители на поранешното СЈО. 

Најголем интерес, обвинителите имаат за место во вишото скопско обвинителство. Се бараа двајца обвинители, а конкурирале 12мина. Поддршка од советот добија Наташа Гоџоска и Артан Ајро од згаснатото СЈО. Во трка беше и  Љубомир Лапе, ама не доби поддршка зашто требало да го заврши случајот Феникс. Незавршените предмети од СЈО беа пречка за напредок во кариерата и за Ленче Ристоска, која сега користела и породилно отсуство. За изборот на Ајро, пак не било пречка што против обвинителот се воделе постапки во антикорупциска за вработување на неговата сопруга и братот, кривичната од правобранителството и сомнителното текнување огромен имот во Струга.

Засилување доби и обвинителството кое гони криминал и корупција. Се бараа четворица, советот поддржа само тројца кандидати, иако пред гласањето се потенцираше дека тоа е едно од најважните обвинителства и дека имало мал застој во неговото постапување.

Вилма Русковска не доби билет за државното обвинителство. Најголем дел од членовите на советот гласаа воздржано, а НЕ доби од шефот на обвинителството Јовески. Во обвинителската служба пак за прв пат ќе влезат и шестмина академци од последната генерација, па така скопското обвинителство добива петмина почетници, а еден каднидат својата кариера ќе ја гради од обвинителството во Кавадарци.