Македонија
12. October 2023 - 16:52

Обвинителството води неколку истраги за битолската болница

Незаконските дежурства на немедицински кадар во Битолската болница ги истражува и обвинителството. Од таму информираат дека за ова веќе имало отворено предмет врз основа на контролите од страна на Фондот за здравство, а тој ќе биде дополнет и со ревизорскиот извештај во кој се констатирани голем број неправилности за работењето на Установата која годинава ја следат неколку скандали. Ревизорите констатирале дека пациентите не добивале задолжителни здравствени услуги, акцелераторот за третман на болни од рак повеќе од 10 години фаќа прашина. Лекари немале полно неделно работно време, а додека се воделе дека се дежурни во Клиничка паралелно работеле во други болници.  Само лани на вработени во болницата кои не се медицински лица спротивно на законот за здравствена заштита им биле исплатени 15.000 евра.

- По овој предмет се постапува и тој ќе биде дополнително поткрепен со наодите од објавениот ревизорски извештај. ОЈО Битола оформи уште еден предмет за кој дополнително, врз основа на направените проверки, ќе се одлучува дали ќе се води посебно или ќе биде споен со претходниот. Надлежниот јавен обвинител ќе се обрати до Државниот завод за ревизија за директна размена на информации со ревизорите кои го изготвуваа ревизорскиот извештај за работата на болницата, информираат од ЈОРМ.

И додаваат дека постапуваат по сите доставени ревизорски извештаи, дел биле основа за оформување нови предмети, а дел се приклучувале кон веќе отворени истраги.

Инаку, во Битолскиот суд во фаза на судење е обвинението против директорот за економско финансиски работи и главната медицинска сестра во Клиничката болница во Битола за злоупотреби со исплата на службени патувања од 2018 до 2021 година.

Во меѓувреме јавноста се уште го чека ставот на битолското обвинителство за починатото новороденче во битолската болница пролетта. Претходно за малата Јана не констатираа лекарски пропусти.