Од 30 до 200 елени во Галичица благодарение на Репродуктивниот центар

На падините на Галичица, таму каде што природата сè уште го диктира ритамот на животот, тивко и посветено се создава една поинаква приказна – приказна за враќање, зачувување и надеж.
Во оваа возвишена тишина, далеку од градската врева, се наоѓа Репродуктивниот центар за елени – место каде што човекот не владее, туку внимателно соработува со природата.
Токму тука, во заштитениот простор кој од остатокот од природата го дели само една ограда, се упати и нашата камера која ја пречека несекојдневна глетка! Над 200 елени мирно гравитираа во просторот околу нас.
Станува збор за посебен вид на елен, кој се среќава во овој дел од земјината полутопка – европскиот елен или red deer, кој порано бил значаен дел од еко-системот на националниот парк. До пред шест години, пред започнувањето на овој проект, истиот беше истребен, а со помош на ентузијастите од националниот парк повторно се врати во природата на Галичица – со самото отворање на Репродуктивниот центар.
Елените на Галичица веќе шест години живеат во заграден простор – со цел да се заштитат од можните предатори. До просторот имаат пристап единствено чуварите на паркот, кои секојдневно се грижат за нив.
Во зимскиот период до просторот се пристапува со ATV мотор на четири тркала, а без оглед на тоа дали има снег, дожд или други временски непогоди, чуварите редовно ги посетуваат елените и им носат храна.
Лазе, Кире и Јане се чуварите кои секојдневно се грижат за елените во Националниот парк. Тие го прават тоа повеќе од шест години, со голема љубов и посветеност.
Блискоста помеѓу елените и Лазе, Кире и Јане расте од ден во ден. Додека во почетокот тие биле премногу плашливи и постојано се криеле, денес се веќе навикнати на своите верни чувари. Штом слушнат дека пристигнуваат со возилото, елените веднаш се упатуваат кон хранилиштето.
Приказната која пред шест години започнала со 30 елени, денес брои над 200. Националниот парк велат дека по низа напори, конечно успеале да создадат одржлива популација на елени.
Благодарение на заложбите на Националниот парк, европскиот елен повторно чекори по својата планина. Секој негов чекор нè потсетува дека иднината на дивиот свет зависи од нашата одлука денес – дали ќе гледаме од страна или ќе застанеме во одбрана на она што ни е доверено.
Ново на Сител
-

Земјоделците (не)задоволни од новите построги правила за субвенции
-

Тема на денот со Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ
-

Владата избра 9 нови амбасадори
-

Советот на јавни обвинители даде позитивно мислење за четворица кандидати за државен јавен обвинител
-

Вонреден инспекциски надзор во Правда, бараа објаснување за полагање на правосудниот испит
-

Уставен пред комплетирање - се чека изборот на нови судии за одлука за Законот за јазици
-

Протест на ССМ пред Владата
-

СДСМ обвинува дека Мицкоски го користел владиниот авион приватно, Владата демантира
