Македонија
8. October 2026 - 11:58

Од бостан, пиперки и лозје заработивме 350.000 евра, продававме и во Горни Милановац – сведочеше мајката на судијата Ѓоко Ристов

Донка Ристова, мајка на апелацискиот судија Ѓоко Ристов, денеска сведочеше во Кривичниот суд, тврдејќи дека 350.000 евра пронајдени скриени во ѕид од семејната куќа во Неготино се нејзини и на нејзиниот сопруг Здравко, а парите ги заработиле со долгогодишна земјоделска работа.

Пред судот таа раскажа дека со децении се занимавале со земјоделство, одгледувале бостан, пиперки, дињи и лозје, а производите ги продавале на пазари, меѓу кои и во Горни Милановац во Србија.

„Ние сме земјоделци. Бостан, пипер, диња… секаде по пазарите, од Горни Милановац, нема кај не сум била по пазари. Кога насадивме лозје, имавме голем профит од него“, сведочеше Ристова.

Таа објасни дека заработените пари постепено ги штеделе, најпрво купувајќи германски марки, кои подоцна ги менувале во евра. За да зафаќаат помалку простор, банкнотите ги заменувале со покрупни апоени.

Според нејзиниот исказ, парите биле чувани во ниша во ѕидот зад фрижидерот, покриена со стара плочка која таму стоела уште од изградбата на куќата во 1975 година. Биле завиткани во бела фолија и ставени во кесичка, а за скривалиштето знаеле само таа и сопругот.

Ристова рече дека не сакале да ја чуваат заштедата во банка бидејќи немале доверба во банкарскиот систем. Дел од парите, како што објасни, ги чувала и за да може во иднина да си обезбеди престој во дом за стари лица.

На прашањето дали нејзиниот син Ѓоко некогаш ѝ давал пари, таа беше категорична.

„Ѓоко никогаш не ми дал пари. Не барам од децата. Сè е од мојата работа, од земјоделие“, изјави Ристова.

Сепак, во текот на испрашувањето беше отворено прашањето зошто на фолиите во кои биле спакувани парите не биле пронајдени биолошки траги од неа или од нејзиниот сопруг, туку само од нивниот син Ѓоко.

„Како, доколку вие сте ги ставале парите на фолиите, не е најден ниту ваш, ниту на сопругот материјал, туку само на синот Ѓоко?“, ја праша судијката.

„Не верувам. Тоа е чисто мое“, одговори мајката на судијата.

Во текот на сведочењето Ристова потврди и дека финансиски им помагала на синовите, вклучително и со 70.000 евра за Ѓоко. Беше испрашувана и за семејните недвижности, фотоволтаиците и вложувањата во станови.

Таа нагласи дека цел живот работела напорно за да создаде заштеда, посочувајќи дека земјата им давала и по три рода годишно.