Македонија
12. September 2025 - 13:50

Од ЈП Дрисла тврдат дека не се одговорни за загадувањето, се сомневаат во политички мотивирани потпалувачи

ЈП Дрисла денеска преку пишано соопштение апелира до МВР да ги најде и санкционира потпалувачите на пожарите во депонијата, за кои, како што се наведува, има сомненија дека се политички мотивирани. Од Дрисла тврдат дека работат според предвидените процеси и стандарди и оти тие не се причина за загадувањето.

-Апелираме до Министерството за внатрешни работи да пристапат кон истрага за изнаоѓање и санкционирање на потпалувачите на пожарите, кои се сомневаме дека се политички мотивирани за дефокусирање од реалните проблеми. Депонија Дрисла без вакви намерни инциденти нема никаков потенцијал за загадување и работи според највисоки стандарди, стои во соопштението од ЈП Дрисла.

Тврдат дека Дрисла е единствената санитарна лиценцирана депонија која од 2022 година не согорува отпад туку со автоклав стерилизира и компримира со што од истата нема никаква можност за загадување.

-Сите тековни активности на претпријатието се извршуваат согласно техничко – технолошкиот проектиран процес имајќи ги предвид заштитата на животната средина, здравјето на човекот и природата, а во согласност со постоечките законски прописи, наведуваат од ЈП депонија Дрисла Скопје.

 

МИА