Од полноќ нови цени на горивата, Мицкоски најави поевтинување на струјата од нова година
Бензините поевтинуваат, дизелот поскапува. Регулаторната комисија ги објави новите цени на горивата. Од полноќ, бензинот БС-95 ќе се продава за 2 денари пониско и ќе чини 86 денари. 98-октанскиот ќе се точи по 88 денари, а дизелот 87 денари.
Ова се максимални цени, но поради попустот од најголемиот снабдувач, бензините ќе се точат по 84, односно 86 денари. Попуст за дизелот нема.
Намалените акцизи за 2 денари за бензините и за дизелот се во сила до крајот на неделава. Во меѓувреме, се прават планови како струјата да поевтини од Нова година. Премиерот Мицкоски откри дека дека веќе се работи на ново потрошувачко портфолио во соработка со ЕВН Хоум и ЕСМ. Доколку плановите се реализираат, Македонија би можела да биде меѓу ретките земји во Европа каде цената на електричната енергија ќе се намали, и тоа за 5 до 10%. Работен состанок треба да се одржи оваа или следната недела. Целта е навреме да се дефинираат сите параметри пред крајот на годината, кога универзалниот снабдувач ЕВН Хоум го распишува тендерот за набавка на струја за следната година.
„Ние сега практично ги подготвуваме сите индикатори за да можат тие на крајот на годината да го распишат огласот и веќе за следната година да обезбедиме, можеби еден од ретките случаи ќе биде во Европа, ако не и единствен, каде што граѓаните би добиле до 5% пониска, а можеби и повеќе пониска цена на електричната енергија. Тоа ќе биде нешто што, што досега не се случило. Да ги искористиме поволностите на обновливите извори на енергија, тоа е сонцето, и во тој микс во текот на целата година да обезбедиме просечна цена на електричната енергија која што, еве јас сум умерен оптимист, би била 5 до 10% поевтина од сегашната. Но, ајде да видиме како сето тоа ќе го операционализираме“, истакна Мицкоски.
Премиерот најави Македонија оваа година за првпат ќе ја заврши како нето извозник на електрична енергија.
Според него, енергетскиот сектор во земјава забрзано се консолидира. Државната ЕСМ, која новата Влада ја наследила со загуба од 150 милиони евра, во првата половина од годинава се очекува да оствари добивка меѓу 6 и 7 милиони евра.
„Консолидирани се акумулациите. Знаете во април, односно јуни месец 2024-тата година бевме на некои 7%, денеска акумулациите се на 80% исполнетост. Сезоната за наводнување е започната овде во хидросистемот Брегалница, почнувајќи од Калиманци па се до до Лозово. Веќе два месеци трае, апсолутно нема никакви рестрикции, нема ограничувања, сите корисници добиваат навремено вода. Тоа значи ќе имаме добар род, ќе имаме добра година“, кажа Мицкоски.
Летово треба да се носи и нова цена за парното. Eнергетските компании веќе ги испратиле своите математики и трошоци до Регулаторната комисија, која треба да пресече колку пари ќе им се наплаќа на граѓаните за претстојната грејна сезона. Одлуката ќе се носи следниот месец, а ќе важи од први август.
-
Мартин Арсов
Сите содржини од овој новинар
