Одбиени сите докази на одбраната во ТНТ
Судот не ги прифати доказите на обвинетите во случајот ТНТ. Сведоци, урбанистички планови, извадоци од законите за урбанистичко планирање и јавни набавки беа дел од 100ната докази кои ги нудеше одбраната. Во нив, обвинителот и судот, гледале обид за одолговлекување на судењето.
„Се претендира кон одолговлекување на постапката и не се релеванти за случајот. Изведувањето на доказите ќе доведе до повреда на принципот за судење во разумен рок, имајќи во предвид колку долго трае судењето“, сметаат обвинителот Рустеми и судијата Ставрев.
Според одбраната, судењето траело долго поради пензионирање на поротник па морало процесот да почне од почеток. Неприфаќањето на доказите, велат е на штета на обвинетите.
„Секоја странка има право на правично судење и судење кое ќе биде задоволено сите негови права. Ваквото судење, со условени прифаќања на докази и сведоци кои биле битни за судот , но сега одеднаш стануваат небитни за докажување на било која фактичка положба во тој предмет, сметам дека е крајно кршење правата и едно однесување кое е надвор од сите одредби на законот за кривична постапка“, вели Еленко Миланов, Адвокат.
Над три и пол години се води судската постапка за уривањето на Космос. На обвинителна клупа за случајот, седат, Миле Јанакиески, Тони Трајковски, вработени во општината Гази Баба, а му се суди и на поранешниот премиер Груевски.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
