Македонија
5. March 2026 - 19:07

Одбиено барањето за спојување на судските постапки за трагедијата во „Пулс“

Обвинетите кои се судат за пожарот во Пулс, бараат до нив да седнат и 13 полицајци чие судење е закажано за први април. Тие, според адвокатите одговарале за ист настан и исто кривично дело, па предупредија дека водењето на два судски процеси може да доведе до различни пресуди.

Судот го одби предлогот за спојување. Заедничкото судење, ќе значело одолговлекување на случајот. 

Рочиштето продолжи со сведоштва на преживеани кои биле гости во дискотеката. Според нив, огнот се ширел многу брзо, се создал густ чад а врз нив паѓале огнени капки. Топлината била неподнослива, па со свои очи гледале како се зодаваат изгореници по нивните тела.

,,Гледав како кожата на десната рака почнува да ми се лупи. Имав изгоренци од втор степен", кажа во судницата Христијан Китанов кој бил гостин во Пулс.

Тој додаде дека животот му го спасиле двајца од обезбедувањето, па рече дека за нив се откажува од кривичен прогон и оштетно побарување. 

Во судницата сведочеше и менаџерот на ДНК, Васко Спасовски кој рече дека не знаел кој бил задолжен за активирање на пиротехниката ноќта на 16 март, а од негови пријатели дознал дека Владимир Блажев - Панчо ја набавувал од продавница во Кисела Вода.

,,Панчо беше мотор на бендот, беше шеф на бендот, договараше проби, правеше репертоар", кажа Спасовски.

Судењето продолжува во понеделник со распит на сведоци, но обвинителството се пожали дека дел од нив станале недостапни, па за нив побара да се испратат судски покани.