Одбраната на обвинетите службеници за „Пулс“ тврди дека Обвинителството е контрадикторно и бара преиспитување на обвинението

Одбраната на дел од обвинетите за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, на почетокот на денешното судење побара ЈО да ја преиспита околноста за нивно гонење и постапката да ја запре, по одлуката на ОЈО ГОКК минатата недела за запирање на постапката за гонење за седум полициски службеници за делото Тешки дела против општата безбедност.
Бранителот на Шефкет Хазари (од Министерство за економија), адвокатот Петре Шилегов, пред почетокот на денешното рочиште побара да се има предвид брифингот на ОЈО ГОКК за запирање на постапката за службени лица и за целисходност и економичност на постапката да се запре и ЈО да ја преиспита околноста изнесена од ОЈО ГОКК, нагласувајќи дека за дел од сега обвинетите може да се поистоветат и повлечат обвиненијата.
- Од Обвинителството се контрадикторни за ист настан и исти околности против службени лица. За мене извесен е исходот со ваквиот став на Обвинителството. Мислам дека е поцелисходно наместо да продолжиме, Обвинителството да се преиспита. Едно судење државата ја чини 150 илјади евра. Тогаш сериозно треба да се преиспита и економичноста на постапката. Знам дека не сме во таа фаза, но ќе ви доставам копија од брифингот, изјави Шилегов.
Претседателката на судечкиот совет, судијката Диана Груевска Илиевска, потврди дека Судот е запознаен со брифингот и дека побарал официјална одлука, но нагласи дека постапката не може да запре додека надлежното Обвинителство не се изјасни.
- Судот се интересираше за содржината на брифингот, но додека нема формален став од обвинителството во овој предмет, судењето мора да продолжи, рече таа.
Обвинителот Борче Јанев укажа дека ЈО ги нема одлуките од брифингот на ОЈО ГОКК за запирање на постапката за полициските службеници, посочувајќи дека таквите одлуки подлежат на оценка од повисоките ЈО и дека со оглед на краткиот рок не се конечни.
- Обвинителниот акт напоменувам не опфаќа полициски службеници, а ЈО за нив опфаќа исти дела. Денеска во судницата сме по одобрен и стапен во сила обвинителен акт. ЈО ги нема овие одлуки на ОЈО ГОКК и со тоа нема увид дали се таму наведени оштетени лица и причините за штета, изјави Јанев.
Предметниот јавен обвинител од Специјализирано одделение за гонење на кривични дела сторени од лица со полициски овластувања и припадници на затворската полиција при ОЈО ГОКК, на брифинг на 30 јануари информираше дека по спроведени истражни постапки во кои биле опфатени 27 полициски службеници до Основниот кривичен суд Скопје е поднесен Обвинителен акт против 13 полициски службеници.
Во однос на уште седум полициски службеници, јавниот обвинител донел Наредба за запирање на истражната постапка.
- Постапувајќи по наводите од кривичната пријава поднесена од МВР поради постоење на основано сомневање дека сториле кривично дело Тешки дела против општата сигурност, јавниот обвинител во текот на истрагата презеде повеќе дејствија со цел правилно и целосно утврдување на фактичката состојба. Притоа е утврдено дека на овие полициски службеници им се ставаат на товар дејствија што ги презеле во временскиот период од 07.12.2012 година до 21.01.2022 година, односно на 07.12.2012 година, 10.02.2018 година, 24.01.2019 година, 13.01.2022 година и на 21.01.2022 година. Имајки предвид дека надлежноста на специјализираното одделение е воспоставена од 07.11.2018 година, предмет на кривично-правна оценка во оваа постапка беа само дејствијата преземени од 2019 до 2022 година, додека за останатите предметот е испратен на надлежно постапување во ОЈО Кочани, информираа од ОЈО ГОКК.
Во конкретниот случај е утврдено дека полициските службеници, согласно чл.6 од Законот за угостителска дејност биле надлежни да вршат проверки исклучиво во делот на исполнување на условите за заштита на јавниот ред и мир и безбедноста во сообракајот, но не и проверки поврзани со услови за противпожарна заштита и минимално технички услови за вршење на угостителск дејност кои не спаѓаат во нивна надлежност. Оттука, нивните дејствија не можат да се доведат во директна причинско-последична врска со настанувањето на пожарот критичната вечер.
Кривичното дело Тешки дела против општата сигурност, за кое беше донесена Наредба за спроведување на истражна постапка, согласно член 288 став 2 од КЗ, бара постоење на директна причинско-последична врска помеѓу непостапувањето по прописите за мерките за заштита и настанатата последица смрт на едно или повеќе лица.
На минатото рочиште беа сослушани повеќе сведоци, кои кобната вечер биле во дискотеката. Во своите искази тие ја опишаа атмосферата на паника и хаос што настанале во моментот кога пламените јазици и чадот ја зафатиле преполната дискотека, како и последиците што ги трпат до денес.
Случајот го води судијката Дијана Груевска Илиевски и се наоѓа во доказна постапка со сослушување на сведоци предложени од Обвинителството.
На почетокот на процесот, во воведното излагање, обвинителот Борче Јанев истакна дека судењето е чекор кон утврдување на лична и институционална одговорност, нагласувајќи дека општеството мора да се соочи со вистината – кој дозволил, кој молчел и кој не спречил да се случи трагедијата во „Пулс“. Тој порача дека не е важно само кој го запалил огнот, туку и кој имал можност да го спречи, посочувајќи дека трагедијата не е резултат само на пиротехниката, туку на долгогодишни системски пропусти, институционален молк и недостиг на контрола што ја претвориле дискотеката во „смртоносна стапица“.
Јанев нагласи дека се бара правда, не како одмазда, туку како последица на незаконитост и занемарена должност. Повеќемина обвинети, преку своите адвокати, ја оспорија основаноста на обвинението. Нивните одбрани тврдат дека обвинетите не презеле дејствија што би можеле да доведат до пожарот, дека поседувале валидна документација и дека трагедијата е резултат на институционални пропусти, а не на индивидуална вина. Одбраната најави изведување докази и сведоци што, според нив, ќе ја потврдат оваа теза.
Во воведен збор, одбраната на првообвинетиот сопственик на дискотеката „Пулс“, Дејан Јованов, истакна дека и по девет месеци притвор не може да поверува во трагедијата и дека како родител никогаш не би дозволил небезбедни услови во клубот. Неговиот син, третообвинетиот Михаил Јованов, преку одбраната тврди дека против него нема ниту еден доказ и дека е обвинет само затоа што е член на семејството Јованови.
Сите останати обвинети изјавија дека не чувствуваат вина за делото што им се става на товар.
На 16 март 2025 година, за време на настап на групата „ДНК“ во дискотеката „Пулс“ во Кочани, избувна пожар во кој загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Во објектот имало над дозволениот број посетители, меѓу кои и малолетници, а пиротехнички средства биле активирани без дозвола. Објектот работел незаконски повеќе од една деценија, без минимално-технички услови, со реконструкции без дозволи и без систем за противпожарна заштита.
МИА
Ново на Сител
-

Преглед на вестите од светот
-

Тема на денот со Зоран Љутков, министер за култура
-

Сејф сити системот почна да функционира, нови толеранции за возачите
-

Министерот за здравство не знае зошто професорот Кедев се повлекол од Здравствениот совет на министерството
-

Филипче: Оваа влада нема да издржи до 2028
-

УПОЗ го прифати владиниот предлог - административците ќе добијат повисоки плати за 40%
-

Почна првата од 4 фази за поврзување на подземната сообракајница кај Лимак
-

Билетите за културните настани двојно поскапени, но Љутков смета дека се достапни за секого
