Македонија
22. December 2021 - 16:34

Одбраната во „Плацови на Водно“ тврди дека паѓа обвинението за случајот по направеното вештачење

Ниту Груевски, ниту фирми од земјава купувале земјиште на Водно преку компанија во Белизе. Тоа го покажало финансиското вештачење направено по барање на одбраната во случајот „Плацеви на Водно“. Според адвокатите, анализата на трансакциите, не открила уплати како што тврдело обвинителството.

„Извештајот покажува, она на што ние укажувавме повеќепати, дека во инкриминираниот период според обвинителниот акт, нема никаква нелегална уплата на сметката на странското правно лице „Сирах Лимитед“ од Белизе. Дека сите уплати потекнуваат од редовни трансакции, уредно пријавени под засилен мониторинг затоа што станува збор за големи износи, знаете согласно меѓународниот платен промет се што е над 15 илјади евра, секоја уплата подлежи  на строги механизми на контрола и проверка и најважното прашање кое што е содржано во обвинителниот акт, покажа дека нема никаква уплата од Никола Груевски во инкриминираниот период, ниту пак од некој субјект што е на било каков начин поврзан со него“, изјави Гордана Гацева, Адвокат.

Вештачењето според кое немало префрлање на пари, за адвокатите е доказ дека обвинението се темелело на сомнежи и без никакви докази. Велат, обвинителството имало обврска да ги провери финансиските трансакции пред да оформи предмет за наводното купување плацеви на Водно.

„Цело време истакнуваме дека овој доказ не е од важност само за одбраната на обвинетиот Ненад Јосифовиќ, туку е од огромна важност за исходот на целата постапка. Судот ќе го цени овој доказ, меѓутоа според нас, Да, не се докажа основаноста на обвинителниот акт, ниту инкриминираноста на дејствијата што му се ставаат на товар Ненад Јосифовиќ и на останатите обвинети во овој предмет“, вели адвокатот Гацева.

Во случајот, „Плацеви на Водно“, обвинети се поранешниот премиер Груевски за кој се тврди дека со пари од партијата со која раководел, купувал земјиште, а во тоа му помогнале Мијалков и Камчев. Сите одговараат за кривично дело, „перење пари“.