Македонија
14. October 2022 - 16:32

Одложено судењето за лиценците на Беса транс - газдата не знаел дека и треба адвокат на фирмата

Сопственикот на БЕСА транс, во чиј автобус минатата година на автопатот во Бугарија, загинаа 45 лица денеска за прв пат седна во обвинителна клупа, каде треба да му се суди за лажната лиценца која ја имал автобусот.

Првото рочиште сепак беше одложено, бидејќи сопственикот Беким Хаџиу се произнесе дека е претставник на правното лице, односно компанијата, против која исто така има обвинение, а судијата образложи дека Хаџиу не може да биде претставник бидејќи и тој е обвинет во случајот.

Се задолжува обвинетиот согласно член 511, како управител на правното лице, да определи претставник од редот на одговорните лице и од вработените во правното лице.

За тоа како сопственикот на БЕСА ТРАНС ќе се брани пред судот за лажната лиценца, адвокатот не сакаше да ја открива стратегијата и како што вели ќе остават на судот да одлучи, но вели дека ова судење не треба да се меша со сообраќајната несреќа во Бугарија.

Беким Хаџиу е обвинет дека ја фалсификувал лиценцата за јавен превоз на автобусот, односно истата не била издадена од Министерството за транспорт и врски. Тој лажната исправа им ја давал на возачите кои го управувале автобусот и во рок од речиси една година, автобусот со лажна лиценца 20 пати ја преминал државната граница.

Обвинителството пак води предистрага и за цариниците кои дозволиле возилото со лажни документи да ја минува државната граница.

Следното рочиште е закажано за 15 ноември.