Македонија
26. February 2026 - 14:07

Одземени шест лиценци на компании за одгледување кабанис, Мицкоски очекува тој број да се зголеми во следниот период

Премиерот Христијан Мицкоски денеска изјави дека досега се одземени шест лиценци на компании за одгледување кабанис, а очекува во следниот период тој број да се зголеми.

- Оваа Влада има одземено веќе шест лиценци, а од информациите со кои располагам - уште неколку ќе бидат одземени во периодот што следува, контролите продолжуваат, очекувам голем број лиценци да бидат одземени. Но, исто така, за мене, поважно е што било правено изминативе години откога главната економска политика на претходната влада се темелеше на давање лиценци и одгледување цвет од канабис и да не ги заборавиме 150 денари претплата за МРТ, кои потоа петпати ги наплатија. Тоа беше главната економска политика на претходната влада и нормално ширење хистерија кога сега од опозиција ја прават, без да понудат какво било решение - истакна Мицкоски одговарајќи на пратеничко прашање од пратеникот Љупчо Пренџов за истрагите со концесиите за канабис.

Премиерот Мицкоски нагласи дека факт е оти фирмата во која се запленети повеќе од 30 тона цвет од канабис има роднинска поврзаност со висок функционер на опозицијата од минатото, односно претседател на локална организација во СДСМ во Ново Село.

- Не еден килограм, не еден тон, туку 30 тони, факт е дека овие испораки завршуваат до луѓе блиски од претходната влада, но тоа не можам јавно да го зборувам бидејќи е дел од истрагата. Тишината нив ги оптоварува, тие се навикнати на парада, камери, лисици, понижувања, омаловажувања, тие не се навикнати на соопштенија за јавност или кратка изјава и тоа ги мачи затоа што, конечно, доаѓа времето на наплата на она што претходно било погрешено. Ги мачи што гледаат дека нема назад, кога гледаат како камионите се полнат со запленет канабис, се одземаат лиценци. Работи меморијата, секој се преиспитува што направил, што потпишал, кој документ, што згрешил, тоа цело време е потсвест што ќе продолжи да ги јаде. Сега тие се молат да заврши истрагата побргу за да видат кои се тие, дали се тие или не, дали ќе се поведе постапка овде за одземање имунитет можеби, тоа ги мачи - рече Мицкоски.

Тој додаде дека има чувство оти повеќето од нив ќе се изненадат за тоа што следува во периодот бидејќи, како што рече, главната економска политика им се водеше на канабисот.

- Не велам дека имам податоци, но имам чувство дека ќе бидат изненадени за она што следува во периодот. А она што го очекувам е правдата да си дојде на свое место и сите одговорни лица да одговараат. Замислете држава во која главната економска политика се темели на канабис, отидоа чекор понапред, сакаа да формираат слободни канабис туристички зони, каде што ќе биде дозволено користење марихуана. На овие луѓе и ова им е многу што добија 18 пратеници, по сè што направија, и тоа им е многу. Не им беше доволно што тони канабис ќе пораснат и генерации ќе бидат потенцијални зависници, а беа свесни за тоа, и решија да направат слободни зони за употреба на канабис, па го спомнуваа еден град во југоисточна Македонија - Дојран, па Охрид и неслучајно во тие региони имаме најмногу плантажи за да нема трошоци за транспорт, веднаш да може уживателите на неколку километри да се почестат. На тоа дојде крај и сега следува одговорноста и гарантирам дека одговорност ќе има - дециден беше Мицкоски. 

Нагласи дека не случајно акцијата е работена подолг период и не случајно почетокот почна кај нашиот северен сосед. - Тука има можеби дилема зошто баш таму се појави, а можеби одговорот ќе се најде во новата пиар-стратешка група, која ја води политиката во опозицијата, или во хотелот „Парк“ во центарот на Скопје - рече Мицкоски.

 

МИА