Ограничувања за точење гориво во Словенија, Словачка најавува повисоки цени за странци

На бензинските станици на МОЛ (MOL) во Словенија, физичките лица ќе можат да точат до 30 литри гориво по полнење, додека за правните субјекти и товарните возила лимитот е поставен на 200 литри, објавија словенечките медиуми. Слични мерки воведува и Шел (Shell), додека Словачка најавува чекори против т.н. „бензински туризам“, вклучително и повисоки цени за странските возачи.
Од MOL Словенија за агенцијата СТА појаснија дека во изминатите две недели е регистрирана значително зголемена потрошувачка, делумно поради создавање залихи, но и поради зголемен број возачи од соседните земји кои точат гориво на граничните бензински станици.
„Со цел да спречиме преоптоварување и притисок врз бензинските станици, а истовремено да обезбедиме рамномерно снабдување за сите корисници, привремено воведовме ограничувања“, соопштија од компанијата.
Мерката е привремена и се применува на територијата на целата земја, а лимитите се утврдени врз основа на просечната дневна потрошувачка.
Според порталот 24ur.com, и Шел вовел ограничувања – првично до 200 литри по полнење, а подоцна во текот на денот лимитот бил намален на 100 литри.
Компанијата Petrol засега не донела одлука за воведување вакви мерки.
Во меѓувреме, словачката Влада усвои резолуција со која се овозможува повисока цена на дизел горивото за возила со странски регистарски таблички, со цел да се ограничи „бензинскиот туризам“.
Рафинеријата Slovnaft претходно соопшти дека во северните региони на земјата, особено во близина на границата со Полска, пониските цени на дизелот довеле до нагло зголемување на побарувачката.
Премиерот Роберт Фицо изјави дека возачите масовно ги полнат резервоарите и канистрите, што доведува до недостиг на гориво на одделни бензински станици.
Со резолуцијата, која не утврдува горна граница на цените, бензинските станици ќе можат и да ја ограничат продажбата на дизел на едно полнење и дополнителни 10 литри за возила со странски таблички.
Во регионот, Унгарија веќе воведе ограничувања на цените на горивата, додека полската рафинерија Orlen ги намали маржите со цел да го ублажи притисокот врз потрошувачите.
МИА
Ново на Сител
-

Мајмунчето Мики го прослави својот прв роденден, но подароците исчезнаа
-

Дел од локалитетот „Маркови Kули“ пошумен со 6.000 садници на даб
-

„Зелникот на баба“, вкусот на традицијата по 12-ти пат во Пробиштип
-

Тема на денот со Ѓоко Велковски, заменик министер за социјална политика
-

Честит Рамазан Бајрам
-

Брзата помош бележи намален број интервенции на сообраќајки од почетокот на “Безбеден град”
-

Работете од дома, возете помалку, користете јавен превоз - итни препораки од меѓународната агенција за енергетика
-

САД: Руското влијание на Балканот фактор на нестабилност во регионот
