ОЈО ја продолжува истрагата за упадот во М-НАВ откако Незири излезе на слобода
Јавното обвинителство продолжува со истрагата за инцидентот во М-НАВ откако Апелација го укина куќниот притвор за Беким Незири и Алмир Рамдедовиќ. Обвинителството сега нема право на жалба бидејќи одлуката на Апелација е конечна. Но обвинителот може да бара нов притвор доколку некој од осомничените се обиде или ги прекрши мерките на претпазливост.
Од Апелација вчера рекоа дека ОЈО не приложило ниту докази, ниту факти кои укажуваат на реална опасност од бегство на осомничените, страв од попречување на кривична постапка од влијание врз сведоци и соучесниците, ниту се наведени околностите кои го оправдуваат стравот дека ќе го повторат кривичното дело.
Ослободувањето од куќен притвор на претседателот на огранокот на ДУИ во Чаир, Беким Незири за опозицискиот лидер Мицкоски е мотив плус за, како што вели, расчистување со мафијата. Вели дека силеџиите кои со тупаници упаѓаат во стратешки објекти имаат свои обвинители и судии.
-Не чека многу работа. Поддршката од медиумите ќе ни биде потребна, не само сега во предизборието, туку и потоа за да расчистиме со мафијата. Мора да расчистиме за да можеме да ја трансформираме онака како што сакаме, рече Мицкоски.
Се уште се чекаат резултатите од вонредниот надзор на трудовиот инспекторат кој ги „чешла“ огласите и вработувањата на 17 луѓе. По првичните проверки на обемната документација од Трудовиот инспекторат кажаа дека надзорот ќе се прошири и на други луѓе вработени во Акционерското друшство во државна сопственост. Во М-НАВ влезе и Финансиската полиција, но од нивната истрага се уште нема никакви детали.
Случувањата во Македонска навигација со месеци ја брануваа јавноста откако Синдикатот предупредуваше дека поранешните директори се обидуваат да ја партизираат оваа стратешка институција.
Владата разреши двајца од тројцата директори на барање на Синдикатот.
-
Даниел Василев
Сите содржини од овој новинар
