Опозицијата тврди дека нема притисоци за да гласа за уставните измени
Нема притисоци врз пратениците за уставни измени а на седницата одиме обединети. Ова е заклучокот после координацијата помеѓу Мицкоски и Мицевски во пресрет на собраниската седница за промена на уставот која треба да се одржи во петок. Колкава поддршка има за уставни измени, координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, вели ќе се види уште при гласање на дневниот ред.
Власта пак повика да се вразумат опозициските пратеници.. Седницата за уставни измени, велат од СДСМ е шанса за опозицијата да покаже дека е за европска Македонија.
„Очекувам сите 120 пратеници да се стават на висината на задачата, да ја сватат одговорноста којашто сите ја имаме пред граѓаните. Ова на Мицкоски му е последната можност да се приклучи кон проевропскиот блок. Мицкоски и ДПМНЕ ја имаат можеби последната шанса да покажат чуство на одговорност пред граѓаните затоа што наша обврска како политичари е да им обезбедиме сигурна иднина на граѓаните. Како што нашите предци овозможиле услови да живееме во слободна,самостојна и суверена држава, така и опозицијата да се приклучи и заеднички да создадеме просперитетна Македонија во која идните генерации ќе ја планираат иднината дома“, изјави Фаница Николоска, пратеник на СДСМ.
На два дена пред собраниската седница за уставни измени, повик тие да бидат усвоени, испрати Министерот за надворешни Османи.. Смета дека петок бил моментот да се обезбеди како што вели, безбедна и просперитетна иднина за граѓаните.
„Со месеци пријателите и министрите од секаде во светот дојдоа да не охрабрат со пријателски совети да се фокусираме на овој предизвик и да ја надминеме оваа финална формална пречка пред отворањето на преговарачките поглавја.Затоа ве повикувам да не дозволувате, сега кога сме во финалето, да се дефокусираме и да бидеме дезориентирани, туку да го зачуваме курсот и одговорноста за идните генерации“, Напиша на фејсбук, Бујар Османи, Министер за надворешни работи.
Седницата за утврдување на потребата за промена на Уставот трае најмногу 10 дена. Имајќи ги предвид политичките ставови се претпоставува дека таа ќе трае ден до два, по што спикерот Џафери како што најави, ќе го одложи гласањето на неодредено време чекајќи сигурно 2/3 мнозинство.
-

Зоран Јаневски
Сите содржини од овој новинар
