Македонија
16. September 2022 - 16:46

Отпуштања во водовод: Според Арсовска работниците не доаѓале на работа

Седумдесетина лица денеска си заминаа од ЈП Водовод. Договорите на дело не им беа продолжени откако градоначалничката на град Скопје ги обвини дека се партиски кадри на екс директорот Перински, но и дека не одат на работа, а земаат плата.

Иако се најавуваше отказ за 100 лица во Водовод, новиот директор на претпријатието одлучил да задржи околу 30 вработени бидејки имало потреба од нивните услуги. Иако Арсовска тврдеше дека отказите се поради партиски вработувања, директорот Маријанчо Митовски вели дека причината е лошата финансиска состојба на претпријатието, а веќе направил и прераспределба на неколку вработени.

Од Конфедерацијата на синдикални организации се заканија, доколку Арсовска не им ги продолжи договорите на овие лица и не оствари средба со Синдикатот, ќе ги радикализираат нивните чекори и ќе ги блокираат блокираат влезовите на Град Скопје како и цела Илинденска.

Да се запре реваншизмот кон недолжните работници кои се бркаат од работа среде економска и енергетска криза, реагираат од ВМРО-ДПМНЕ.

Причината за разидувањето на Арсовска и ВМРО-ДПМНЕ е тендерот од 136 милиони евра, велат од СДСМ и бараат од Мицкоски да каже која е неговата улога во спорниот тендер.