Македонија
11. November 2022 - 16:32

Отпуштен синдикалниот лидер во Водовод

Отказ од работа доби првиот синдикалец во скопски Водовод. Од ССМ реагираат дека тој незаконски е избркан од страна на в.д директорот Маријанчо Митовски и тоа токму во период кога во јавното претпријатие е почната постапка за штрајк на вработените поради како што тврдат самоволието на заканите кои им ги упатувал Митовски.

Претседателот на синдикалната организација Стојанче Кашиковски заплашување и уцени позади отказното решение на кое стои потписот на в.д директорот.

-Причината е дека јас како раководител на одделението за обезбедување додека сум на годишен одмор требало да потпишам документ, а според законот тоа треба да го направи директорот, значи он сам на себе треба да си даде отказ, изјави Стојанче Кашиковски, претседател на синдикална организација на ЈП „Водовод и канализација“ Скопје.

Иако побаравме, не добивме став од в.д директорот на скопски Водовод за да ја слушнеме и неговата страна.

Инаку според синдикатот токму тој е причината за најавениот штрајк во претпријатието кој треба да почне на 23 месецов ако дотогаш помирувачот назначен од труд и социјала не изнајде заедничко решение.