Македонија
26. October 2022 - 16:33

Отстранет знакот „Ја сакам Кисела Вода“- граѓаните ќе протестираат

Жителите на Кисела Вода ќе штрајкуваат за да им се врати светлечкиот знак во општината, кој вчера беше отстранет од страна на град Скопје. Велат платен е со нивни пари, никому не пречел - а ја красел Кисела Вода. Денеска соседите од околните згради се собраа на местото каде што стоеше знакот и меѓусебно бараа одговори зошто им е тргнат украсот на општината.

Градоначалникот на Кисела Вода, дециден - знакот ќе им биде вратен на граѓаните како знае и умее. Но ниту тој не добил објаснување зошто инспекторите го отстраниле. Вели не е во директен конфликт со градоначалничката Арсовска, но наместо да зборуваат за реализирање на проекти, тие се занимаваат со рушење на светлечка реклама. Според него решението кое го добил за отсранување на знакот е правно неиздржано, зошто пишува дека се бара остранување на објект во општина Аеродром, а не во неговата општина.

Од Град Скопје пак велат дека се грижат за безбедноста на пешаците, па затоа знакот е отстранет од островот на семафорите на булеварот „Првомајска“. На тоа место велат, забрането е да се поставува што било, освен сообраќајна сигнализација и сообраќајна опрема.

„Доколку поставувањето на светлечкиот објект било вистинска цел, а не политичка пресметка, тогаш општината може истиот светлечки објект да го постави на друга локација во рамки на своите граници каде тоа законот го дозволува, а не онаму каде со закон е забрането“. – објаснуваат од градот.

Уште во јули им било испратено решение на општина Кисела Вода за отстранување на светлечката реклама во рок од 30 дена, но по извршена контрола се утврдило дека не е испочитувана одлуката, па издадено е решение екипите на Град Скопје да го отстранат овој знак.

Граѓаните на социјалните мрежи пак реагираат дали знакот е најголемиот проблем кој треба да се реши во градот...