Македонија
6. September 2023 - 16:31

Пациентка од Онкологија седна аптекар на обвинителна клупа за корупција

Минка Беизоска е пациентка на онкологија од минатата година. Но денеска наместо во болницата, таа беше во Кривичниот суд каде и беше закажано првото рочиште поради тужба кон аптекарот од болницата, кој што и барал мито за да и обезбеди биолошка терапија за болеста.

Нејзината голгота започнува во 2022 година кога и е дијагностициран рак на белите дробови. По примени две хемотерапии во приватна болница, поради финансиски причини решава да ја продолжи борбата со болеста на Онкологија. Таму прима уште две дози хемо и ракот целосно и се повлекува. Лекарите поради превентива, но и за одржување и ја продолжуваат биолошката терапија. Но Минка, забележува дека нема никакви нус појави од терапијата, а сомнително и станува кога аптекарот од болницата почнува да и бара по 100 евра за да и го обезбеди лекот.

На секои три недели плаќала на болничкиот аптекар по 6.000 денари, бидејќи ако не платела тој ја уценувал дека ќе ја даде биолошката терапија на друг пациент. Пријавила кај тогашниот директор Нехат Нухи и тој ја охрабрил да пријави во полиција. Минка вели полицијата брзо интервенирала и аптекарот бил приведен, а сега веќе не работи во болничката аптека.

Има многу пациенти на онкологија кои се соочиле со истото како и неа, но вели тие не собрале храброст да пријават. Болеста кај Минка сега повторно се вратила и е проширена, таа вели од неправилната терапија, а поради недовербата во македонското здравство со исклучок на неколку доктори кои и помагале, сепак нејзината борба со ракот планира да ја води во некоја од странските болници.

Нема зборови со кои може да се опише со што се соочуваале и се соочуваат пациентите на онкологија сведочи Минка. Ги охрабри сите нејзини соборци да не се откажуваат и да ја бараат правдата до крај.