Палчо ја помина првата вечер во притвор во „Шутка'', од неговата партија бараат биохемиска анализа на оброците
Сам во ќелија, во ходник каде се влегува само со електронска картица, под посебни протоколи и засилено обезбедување, Љупчо Палевски- Палчо ја помина првата вечер во притвор во Шутка.
Од затворот за Сител велат дека Палчо имал ладнокрвно однесување, не зборувал многу, но не правел ни проблеми. Со себе не понел многу работи, но од она што го забележале тој носел документи и мемоари кои ги пишувал за време на пет месечниот притвор во Турција.
Иако не се пожалил на здравствени проблеми, сепак денеска ќе му биде направен целосен лекарски преглед. Храна не одбивал, иако според посебните процедури таа ќе биде проверувана.
Според протоколите, Палчо нема да има контакт со други притвореници, во дворот ќе смее да излезе само во присуство на неколку чувари, ќе оди во издвоена бања и ќе јаде сам, под засилено обезбедување.
До Кривичниот суд денеска треба да пристигне известувањето од затворот Скопје, дека Палевски е екстрадиран кај нив, па судија на претходна постапка да одлучи кога Палчо ќе биде сослушан.
Откако ќе добие известување судија на претходна постапка во координација со јавен обвинител ќе го сослуша осомничениот во присуство на негов адвокат, во однос на околностите на прелогот за определување на притвор.
Од ОЈО велат дека истрагата е во завршна фаза, но продолжуваат да преземаат истражни дејствија во предметот за грабнувањето и убиството на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
- Врз основа на меѓународна потерница издадена по наредба на Основното јавно обвинителство Скопје, Република Турција вчера го екстрадираше првиот осомничен за кривичните дела. По барање на јавниот обвинител, за него веќе е определена мерка притвор која веднаш започна да се применува. Во однос на ова лице, јавниот обвинител презема истражни дејствија на прибавување и анализа на докази кои во оваа фаза на постапката не можат да бидат споделени со јавноста.
За тоа дали Палчо ќе може да има посети во затворот, треба да одлучи судот. Но од неговата партија, ДЕСНА, бараат тој да има ВИП безбедносен третман дури е во притвор и да му се врши биохемиска анализа на оброците.
Палчо треба да биде на безбедно, изолиран од ризици по живот, убиство, труење со храна, пијалоци, нарушување на здравјето, физичко малтретирање и изнудување на признанија, да има лекар што ќе го следи неговото здравје, биохемиска анализа на секој оброк и пијалок што ќе го конзумира, и радиолошка проверка на облеката и обувките што ќе ги носи. Анализа на крвта и урината еднаш неделно.
Палчо вчера вечер беше екстрадиран на македонско тло по 5 месеци притвор во Турција, откако на 6 декември беше уапсен во турскиот град Балиексир. Со комерцијален лет на Туркиш аирлинес слета на скопскиот аеродром, а со четири цивилни возила беше спроведен до затворот Скопје.
Таму ќе издржува 30 дневен притвор кој му беше определен во отсуство.
Тој е првоосомничен за двете убиства на малолетната Вања и 74 годишниот Панче Жежовски, чии беживотни тела беа пронајдени на 3 декември. За убиствата уште три лица се во притвор, а таткото на Вања осомничен за давање информации за грабнувањето на неговата ќерка, беше преместен во домашен притвор.
-
Тамара Дичоска
Сите содржини од овој новинар