Македонија
26. December 2025 - 16:32

ПАП и ехо не смее да се наплатува - Фондот за здравство и УЈП казни половина од контролираните матични гинеколози

Наместо бесплатни, пациентки кај матични гинеколози плаќале и за ПАП тест и за брисеви. Од најмалку 500 до неколку илјади денари без потреба давале во приватни ординации, со изговор дека тоа било за издавање на це-де или лекарски извештај. Дополнителен трошок е ако сакаат епруветите до лабораторија да им ги однесе матичниот.

Оваа незаконска пракса трае со години и има бројни претставки до Фондот што беше и повод за контроли заедно со УЈП. Од 49 контролирани дури половината работеле незаконски.

-Преглед, ехо, колпоскопија, земање брисеви како ПАП тест и сите други дијагностички терапевтски процедури кои се согласно медицина базирана на докази кај матичните лекари не се наплатуваат. За жал во последните 10 години е воспоставена пракса и никој не ги почитува договорните обврски. Ниту Фондот ниту здравствените установи следат и имаме паралелен универзум, или реалноста во Македонија каде не се почитуваат преземените обврски, вели Сашо Клековски, директор на Фонд за здравствено осигурување.

Од контролираните 49  ординации, 8 наплатувале дополнителни средства од пациентки а една третина имале проблеми со фискализацијата, односно, регистрирањето на готовинскиот промет.

-Неевидентирањето на прометот и приходите остава простор за нивно користење како неоданочени лични примања , стекнување на личен имот од неоданочен доход и тоа воедно остава простор за плаќања на набавки во готово што директно ја храни сивата економија, вели  Елена Петрова, директор на УЈП.

Ординациите кои работеле незаконски и со неправилности Фондот ги казни со 25 000 денари. Доколку продолжат со истата пракса, може да дојде до раскинување на договорот.